X
 20.02.2025 Живот

Француски астрофотограф создаде неверојатен портрет на „планетарна парада“

Француски астрофотограф успеа да фотографира седум небесни тела – Месечината, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун во една вечер и ги распореди во впечатлива композиција. Секое тело е снимено со иста зголеменост, што значи дека сите се прикажани во совршена размер.

На 2 февруари Гвенаел Бланк направи серија фотографии од седум објекти од Сончевиот Систем во период од 80 минути, користејќи дигитална камера прикачена на телескоп. Подоцна тој ги подреди во права линија, прикажувајќи ги во редослед од најблискиот до најоддалечениот објект од Земјата: Месечината, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун.

 
- Морав да започнам рано, веднаш по зајдисонце, за да ги фотографирам Венера и Сатурн пред да паднат прениско на хоризонтот. Исто така, Нептун беше блиску до хоризонтот и беше најтешко да се долови - раскажува фотографот.

Месечината, Уран, Јупитер и Марс беа полесни за фотографирање бидејќи се наоѓаа повисоко на небото. Единствената планета што недостига во оваа композиција е Меркур, кој ќе биде видлив кон крајот на февруари и почетокот на март.

Редок момент на совршено наредени планети


Иако овие објекти во реалноста биле распоредени низ целиот ноќен хоризонт, Бланк користел иста зголеменост за секоја фотографија, што овозможило правилна споредба на нивните големини. Затоа Месечината изгледа огромна во споредба со Уран и Нептун, додека Венера и Јупитер изгледаат речиси идентично, иако Јупитер е повеќе од 10 пати поширок од Венера.

- Ова дава многу добра претстава за привидната големина на секоја планета - вели Бланк.

Моментално сме сведоци на едно од најимпресивните планетарни усогласувања во последниве години. Во идеални услови, пет планети, Меркур, Венера, Марс, Јупитер и Сатурн, ќе бидат видливи со голо око во наредните неколку недели. И Уран и Нептун ќе бидат присутни на небото, но за нив ќе ви биде потребен телескоп.

Ова астрономско случување веќе донесе неколку спектакуларни моменти, вклучувајќи усогласување на шест од седумте планети во јануари и окултација на Марс од страна на Месечината на 9 февруари.

Сепак, вистинскиот врв на оваа „парада“ ќе биде кон крајот на февруари и почетокот на март, кога сите седум планети ќе бидат распоредени во речиси совршена линија на хоризонтот.

Следната слична планетарна усогласеност ќе се случи дури во октомври 2028 година, па затоа не пропуштајте ја оваа ретка можност.

Извор: Livescience.com
Фото: Gwenaël Blanck
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот