X
 20.03.2018 Живот

Не сме свесни дека подолго ги паметиме болните искуства

Откако ќе посетите жена која штотуку се породила, а која инаку ви е многу блиска, веројатно ќе слушнете повеќе одошто сакате да чуете за „магијата“ на природата, како и исказот: „Никогаш повеќе!“ Но, поголемиот број од жените сепак ќе се одлучат за второ, па дури и за трето дете.

Вообичаеното објаснување за тоа е дека жените едноставно забораваат на породилната болка бидејќи мозокот го исфрлува тој податок од мозокот. Еволуциски гледано, тоа има смисла, бидејќи кога жената не би ја заборавила таа болка, ние би изумреле како род. Но, нештата не се толку едноставни.

Ако се сосредоточиме на породот и ако ги погледнеме истражувањата направени пред 2000 година, се заклучува дека жените не ги забораваат целосно породилните болки, нити нивниот интензитет. Иако станува збор за тешка истражувачка тема, постојат скалила за оценување на болката што можат да ја почувствуваат луѓето.

Проблемот е што породувањето по правило трае неколку часа, па тешко е да се направи разлика на кој период од процесот се фокусираат жените. Дури и поединечни контракции варираат по степенот на болка, па интензитетот на болката на целосното искуство е тешко да се опише.

Она што сепак може да се истражи е промената на описот на таа болка кај одредени жени, во текот на подолг период. Швеѓаните на тој начин анализирале повеќе од 2000 мајки во врска со породилните болки, два месеца по породувањето и 12 месеци подоцна.

Нивните резултати укажале на тоа дека мнозинството жени не заборавиле што преживеале. Сеќавањето кај 60 отсто од жените било исто и по подолго време. Само третина од жените заборавиле колку болка претрпеле додека се породувале, а кај 18 отсто се случило токму спротивното. Нив и по 12 месеци од породувањето им се чинело поболно отколку непосредно по раѓањето на детето.

По пет години научниците повторно разговарале со истите жени. Иако кај многу од нив чувството на болка опаднало, речиси половината од нив тогаш ја опишале болката како помалку интензивна, отколку два месеца по породувањето; додека кај оние што најлошо ја опишале болката по породувањето, сеќавањето на болката едноставно исчезнало.

Тоа не е нужно лоша работа бидејќи некои истражувања докажале дека жените што се „одлучиле“ да ја запаметат породилната болка, тоа искуство го задржуваат во мислите како потсетник на големото постигнување. Поточно, се охрабруваат дека ако успеале да го преживеат ТОА, можат да се носат со што било друго, пишува Би-би-си.

И понатаму може да изненади фактот дека сеќавањето на болката може толку долго да остане непроменето во меморијата. Посебно ако знаеме дека децении психолошки истражувања на паметењето докажале дека при секое присетување на некој настан, несвесно правиме мали промени во сценариото.

Нашата меморија не е како видеотека низ која едноставно можеме да поминеме и да си пуштиме снимки од некои минати случувања, а тие да се прикажуваат идентично како во моментите кога се случиле.

Секојпат кога се присетуваме или прераскажуваме некоја згода од минатото, контекстот на изворниот настан и начинот на кој го пренесуваме се менуваат.

А ако не се менуваат сеќавањата на болките кои генерално завршуваат со среќен крај, односно со раѓање на очекуваниот пород, тогаш каква е ситуацијата со целосно негативните искуства?

Понекогаш е нужно да почувствуваме болка и да се сеќаваме на тоа што ја предизвикало за да не ги повториме истите непријатни настани. Да речеме, ако се пресечеме со нож, добро би било да ја запаметиме таа болка за да внимаваме да не се повредиме повторно.

Од друга страна, некои болки е корисно да се заборават. На пример, кога зборуваме за хроничните болки како кај болестите од типот на дијабетесот, зашто ако знаеме дека е многу извесно истата болка да се повтори, само ќе излудуваме исчекувајќи ја репризата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот