Поради водопадот Мосбре во Северна Калифорнија, авантуристите и планинарите ризикуваат да бидат уапсени, а го ризикуваат и сопствениот живот. Водопадот извира од глечер на планината Шаста. Нуди неверојатна глетка, неговата вода се слева преку карпи, а потоа се влива во реката Сакраменто.
Се смета за еден од најубавите природни бисери во Калифорнија и често се споредува со геолошките чуда на националните паркови Јосемити и Јелоустоун, иако до него не води ниту една патека.
„Лос Анџелес тајмс“ објави дека дури 30.000 луѓе годишно се впуштаат во оваа опасна и забранета авантура. За да стигнат до видиковецот, смелите посетители мора да го прекршат законот - нелегално да поминат речиси два километри опасни патеки и да ги поминат железничките пруги покрај реката Сакраменто.
Најмалку две лица од 2012 година загинале при несреќа со воз во близина на водопадот, а други пријавиле многу несреќи што биле опасни за живот.
И покрај добро познатите опасности од патувањето, бројот на туристи што го посетуваат водопадот значително се зголемил во последниве години, главно поради објавите на социјалните мрежи и зголемувањето на неговата популарност. Посетителите споделуваат фотографии од тесната и опасна патека на социјалните мрежи, а често со себе ги носат и своите деца и кучиња.
Властите се обидуваат да најдат начин да обезбедат безбеден и легален пристап до водопадот. Но, источната страна од реката, каде што завршува водопадот, е во сопственост на религиозна организација која ги смета и водопадот и планината Шаста за свето место и не сака луѓето слободно да се движат таму. Оваа група е основана во 30-тите години и бара земјиштето да биде заштитено од посетители.
Водопадот се смета за свет и од страна на членовите на домородните племиња од околината, кои веруваат дека неговата вода има лековити својства. Од другата страна на реката, земјиштето - вклучувајќи ги и пругите што авантуристите нелегално ги преминуваат - е во сопственост на железницата „Јунион Пацифик“. Пругите покрај реката се клучен товарен пат во насока север-југ, а се користат и за патнички воз што поминува низ нив двапати на ден.
Властите и активистите со децении се обидуваат да смислат безбеден и легален пат до водопадот, но сè уште нема решение, пишува „Њујорк пост“.
Фото: TikTok screenshot