Живееме во можеби когнитивно најстимулативното време во човечката историја. Повеќе информации ни се достапни во текот на едно попладне отколку што повеќето луѓе сретнале во текот на целиот свој живот пред еден век.
Па сепак, поплаките за лошо паметење, тешкотии со концентрацијата и ментален замор никогаш не биле почести. Објаснувањето за тоа можеби помалку лежи во тоа што консумираме, а повеќе во тоа како нашите мозоци се обликуваат од навиките.
Сè поголем број истражувања од когнитивната психологија и невронауката укажуваат на тоа дека одредени секојдневни ментални обрасци, оние што изгледаат сосема вообичаени, па дури и продуктивни, можеби ги нарушуваат токму способностите од кои најмногу зависиме. Еве три најдобро документирани примери.
Постојано извршување повеќе работи одеднаш
Постои упорно и ласкаво верување дека мултитаскингот е знак за остар и ефикасен ум. Истражувањата, сепак, укажуваат на спротивното, и тоа прилично јасно.
Најпрво, важно е да се разбере што се случува кога вршиме повеќе работи истовремено. Мозокот не обработува две задачи истовремено. Тој брзо се префрла од една на друга. Секое префрлање има своја цена. Задачата што штотуку ја напуштивте останува присутна во заднината на вашиот ум и се натпреварува со она на што следно се обидувате да се фокусирате. Резултатот е еден вид постојан ментален шум.
Пасивно консумирање содржини
Постои значајна разлика помеѓу тоа да прочитате нешто и тоа навистина да го обработите во мислите. Таа разлика е многу поважна отколку што повеќето луѓе мислат.
Современото опкружување со дигитални содржини е дизајнирано за консумација без никаков напор. Автоматско пуштање на следните видеа, алгоритмиски оптимизирани извори (фидови), однапред сервирани мислења кои бараат минимален ментален ангажман. Резултатот е тоа што можете да поминете часови впивајќи содржини, а притоа речиси воопшто да не размислувате. Завршувате со скролање со нејасно чувство дека сте биле информирани, но не можете да се сетите на ниту една конкретна работа што сте ја виделе.
Преглед на истражувањата од 2023 година, објавен во „Фронтиерс ин когнишн“, го анализираше влијанието на дигиталната технологија и социјалните мрежи врз низа клучни когнитивни функции, вклучувајќи ги вниманието, паметењето и критичкото размислување.
Низ повеќе различни студии, изложеноста на алгоритмиски сервирани содржини била поврзувана со намалена способност за критичко проценување на информациите и ослабено носење одлуки. Учесниците што биле изложени на измамнички објави на социјалните мрежи покажале мерлив пад во способноста да ја проценат веродостојноста на информациите со кои подоцна се среќавале.
Избегнување когнитивна непријатност
Од сите три навики што се разгледуваат овде, оваа е можеби најконтраинтуитивна. Изгледа разумно да се избере најлесниот пат до разбирање на нешто. Пократко резиме, појасно објаснување или одговор генериран од вештачка интелигенција изгледаат попожелно отколку самите да поминувате низ проблемот. Но, децении истражувања во областа на учењето сугерираат дека оваа склоност кон леснотија може молчешкум да го нарушува квалитетот на нашето размислување.
Роберт Бјорк, когнитивен психолог од Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес, поголемиот дел од својата кариера го посветил на проучување на она што го нарекува „пожелни тешкотии“ – контраинтуитивен наод дека условите кои во моментот на учење изгледаат потешки всушност доведуваат до значително посилно и потрајно знаење.
Техниките како активно присетување, учење со временски интервали (разместено учење) и преплетување на материјалот бараат повеќе напор и се помалку пријатни од пасивното повторување. Сепак, тие даваат подобри резултати во долгорочното паметење и пренесување на знаењето.
Она што доказите го сугерираат е дека интелигенцијата не е фиксна количина која пасивно се одржува. Таа е нешто што активно се обликува со квалитетот на вниманието што го практикуваме секојдневно и зависи од тоа дали работиме во согласност со начинот на кој мозокот навистина учи или упорно му се спротивставуваме на тоа.
Фото: magnific