Нула. Толку луѓе загинале во сообраќајни несреќи во Хелсинки во текот на изминатата година, од крајот на јули 2024 до крајот на јули 2025 година. Последната сообраќајна несреќа со смртни последици се случила во јули 2024 година.
Бројот на загинати на улиците на главниот град на Финска, кој има 690.000 жители, е значително помал од оној во другите европски престолнини, како во апсолутни броеви, така и по глава на жител.
Во првата половина на 2024 година, во Хелсинки биле забележани четири смртни случаи во сообраќај што е 0,59 на 100.000 жители. За споредба, Берлин има 1,45 смртни исходи на 100.000 жители, Лондон 1,24, додека Осло, кој е само малку поголем од Хелсинки, има 0,56.
Според Рони Утрианен, инженер во градската управа на Хелсинки, постојат повеќе причини за овој успех. Една од главните е ограничувањето на брзината на 30 км/ч, кое важи за повеќе од половината градски сообраќајници.
- Сметам дека ова е една од клучните мерки. Самото намалување на брзината не е доволно, но сепак е важно - вели тој.
Овој успех на Хелсинки е во согласност со програмата на Европската Унија наречена „Визија нула“, чија цел е до 2050 година бројот на смртни случаи на патиштата да се намали на нула.
Програма за развој на безбедноста во сообраќајот
Во согласност со оваа цел, градската управа на Хелсинки ја покрена Програмата за развој на безбедноста во сообраќајот. Градот сака да ги идентификува најважните рути за безбедност на децата, пешаците и велосипедистите и да ја обнови инфраструктурата во согласност со тоа. Ова вклучува реконструкција на велосипедски патеки, улично осветлување и соработка со други градови и институции. Како приоритет, Утринаен го наведува и зголемувањето на користењето јавен превоз, со што се намалува бројот на автомобили на улиците.
Хелсинки собираше податоци за сообраќајни несреќи, брзина на возење и повратни информации од граѓаните за да ги идентификува опасните делови од патиштата или таканаречените црни точки. Ова им помага на планерите да видат како функционира градскиот сообраќај, каде се потребни промени и како тоа може да се искористи за планирање на раскрсници, пешачки премини, велосипедски патеки и јавен превоз.
Хаген Шулер, инженер за сообраќај во фирмата „ПИВ Транспорт консалт“ во Берлин, вели дека земањето предвид на многу податоци е важно за модерно планирање на градскиот сообраќај, но тоа е многу сложена задача.
- Треба да се земат предвид многу фактори. Тоа ја прави безбедноста на патиштата многу комплексна. Во повеќето големи градови постојат центри за контрола каде што сообраќајот низ целиот град се следи со сензори, камери и детектори. Не можете да го контролираате секој фактор, како лошото време, но со елиминирање на еден фактор се создава своевидна заштитна зона која спречува несреќи - објаснува Шулер.
За проверка и подобрување на овие мерки важна е контролата. Координацијата помеѓу градот и полицијата овозможила подобро почитување на сообраќајните правила во Хелсинки, при што контролата на брзината е клучна мерка.
- Полицијата е одговорна за контрола на брзината во Финска, но градот е одговорен за поставување фиксни контролни точки кои полицијата ги користи - истакна Утрианен.
Камери за контрола на брзината
Во моментов во Хелсинки има 60 такви точки, односно камери за контрола на брзината, главно на патишта со ограничување од 40 км/ч или повеќе.
Фиксните камери особено влијаат врз намалување на брзината
Шулер верува дека иднината на управување со сообраќајот може да биде автоматизирана и управувана со вештачка интелигенција. Автоматизацијата во сообраќајот, која сè уште е во развој, ќе се движи чекор по чекор со развојот на автономните возила. Ако бидат одобрени за користење, тие возила ќе испраќаат податоци за брзината и локацијата до центри за контрола на сообраќајот, кои ќе им враќаат информации за ограничувања на брзината и пречки.
За многу градови предизвик претставуваат локалната политика и отпорот кон трансформација на сообраќајот. Дискусии за отстранување на паркинг места за изградба на велосипедски патеки, намалување на ограничувањето на брзината или создавање зони без автомобили се секојдневна тема во многу градови, но знаењето и технологијата за промени веќе постојат, нагласува Шулер.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik