X
 11.06.2021 Култура

Филип Јездиќ од Прилеп свири, компонира и живее за музиката: „Најважна ми е енергијата што ја разменуваме со публиката“

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Филип Јездиќ е музичар од Прилеп кој свири на тапани, гитара, клавијатури и компонира. На само 26-годишна возраст Филип веќе има богата биографија. Тој свири во повеќе авторски, кавер-групи и состави како Chromatic Point, Камерен оркестар на Битола, Eruption, Lucent, High Start, настапува и снима музика како студиски музичар за други групи и музичари, но најважно од сè, веќе има своја авторска музика.

- Како тапанар, досега имам снимено 5 студиски албуми и едно EP. Исто така, имам снимено и повеќе синглови за други групи и музичари. Како соло-артист, имам објавено една авторска песна. Моментално работам на втора песна. Мојата прва инструментална песна „Духот кој крвари“ ја објавив на почетокот на 2021 год. Во таа песна ги свирам сите инструменти (гитара, бас, клавијатури и тапани). Втората песна на која работам овој период не е инструментална како „Духот кој крвари“, но е снимена на ист начин. Јас ги свирам сите инструменти, а вокалите се снимени од други луѓе. Наскоро, пред да ја објавам, ќе споделам повеќе информации околу тоа кој учествува во создавањето на тоа парче уметност – вели Филип.


Тој вели дека не е ориентиран конкретно кон еден жанр на музика, но најчесто свири и компонира рок и метал. Сепак, има изведувано и поп, класична и филмска музика.

Филип е страстен музичар, кој сака публиката да си замине исполнета по неговиот настап и вели дека не е важно пред колку луѓе се настапува, туку дека е важна енергијата на настанот.

- За мене, секоја добра свирка или концерт претставува успех, без разлика дали свирам во клуб пред 100 луѓе или на голема сцена пред 7-8.000. И свирките и концертите си имаат посебна убавина. Во клупските свирки многу полесно се споделува енергијата помеѓу музичарите и публиката. Додека големите концерти се сосем друг свет. Публиката е многу оддалечена од сцената, но кога ќе видите колку луѓе одвоиле од своето време да ви посветат внимание и платиле карта за тоа, тоа е прекрасно чувство. Од првата глетка се полнам со многу енергија и свирам како тој концерт да ми е последен. И сигурен сум дека барем еден човек по таа свирка/концерт ќе си замине променет, исполнет со енергија и емоции. Го кажувам ова со сигурност бидејќи лично ми кажале луѓе како се чувствуваат по мој настап. Многу сум благодарен за тоа. Тоа е моќта на уметноста! Мислам дека ако еден ден засвирам на големи стадионски концерти, ќе продолжам да свирам и мали клупски свирки. Свирам за музиката. Таа ми пренесува енергија и емоции кои ме прават подобра и посигурна личност - вели овој млад музичар.



Тој зад себе има голем број настани, како во Македонија така и во странство, но како едни од позначајните ги посочи концертите со Камерниот оркестар на Битола.

Го запрашавме кон што се стреми, а тој, како и секој страстен музичар, прстот го впери кој творењето квалитетна музика, но и кон настапувањето пред публиката.

- Се стремам да создавам квалитетна уметност. Да создавам музика која ќе има голема уметничка вредност. Креативната сатисфакција е мојата дрога. Се разбира, покрај креирањето музика, сакам да продолжам да настапувам на свирки и концерти. Не можам да си го замислам животот без тоа. Живеам за тоа – вели тој.



Во однос на тоа дали македонската сцена нуди можности за млади таленти, Филип само кратко одговори дека не нуди, додека во однос на тоа што е потребно за еден млад уметник да успее во нашата земја, тој смета дека младите таленти треба да веруваат во себе, но дека зад нив мора да стои и тим за да може да ја свртат другата страна потребна за успех, покрај креативноста, а тоа е бизнисот.

- Работата на секој уметник е да создава уметност која, пред сè, самиот уметник сака да ја слушне, види и почувствува. Доколку некој прави уметност само за да им се допадне на другите и да задоволи нечии чувства и очекувања, тогаш таа личност, според мене, не е правилен уметник и не е на прав пат. Доколку станува збор за правење филмска музика или музика за театар, тоа е друга работа. Тогаш потребно е да се прави компромис. Оние уметници што само изведуваат музика од други музичари, треба да сфатат дека ако не се промовираат самите, тешко дека некој друг ќе ги промовира. Тоа важи општо за сите уметници. Да земаат пример од нивните идоли и од личностите на кои се угледуваат. Да не дозволуваат другите да им кажуваат што можат или што не можат да направат. Сè е возможно кога се работи со љубов! Уметноста има две страни. Едната страна е креативноста, а другата страна е бизнисот. Бизнисот е пробивањето на сцена и продавањето на продуктот. Затоа, покрај квалитетот, потребни се и други луѓе, како менаџери, промотори и издавачки куќи. Најбитно за секој млад, надежен, а и созреан уметник е да твори од срце, да верува во себе и во својот артистички и креативен порив. Со тоа што некој се реализира на искрен начин, веќе постигнал успех – вели Филип.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура