X
 20.10.2019 Здравје

Психијатар: Пред сто години луѓето не стигнувале да доживеат Алцхајмерова болест

Во последните 100 години животниот век на човекот е двојно поголем, а со тоа дојдоа и болестите како Алцхајмеровата, која луѓето пред сто години не стигнувале да ја доживеат, смета психијатарот Игор Салопек.

Интегративниот центар за ментално здравје во Карловац и хрватското Здружение за Алцхајмерова болест неодамна организираа едукативно-музичка програма. Во име на Интегративниот центар, Салопек истакна дека и понатаму одвреме-навреме ќе се организираат такви едукации бидејќи е важно да се испрати порака дека Алцхајмеровата болест се лекува поуспешно ако се препознае порано.

- Тоа е болест на третата животна доба, по 65. година од животот ризикот се зголемува, намалувањето на активноста ја забрзува појавата на симптомите, а активностите за вежбање на мозокот го намалуваат ризикот - истакна тој, потсетувајќи дека симптомите на таа дегенеративна болест на мозочните клетки се заборавање, дезориентираност, страв, привидувања, промени на расположението, депресија, агресивност и друго.

Психијатарот Невен Мимица, претседател на хрватското Здружение за Алцхајмерова болест, истакна дека целта на активностите е на забавно-едукативен начин да се отстрани стигмата за болеста и општо за деменцијата.

- Пред 15 години ретко кој знаеше што е Алцхајмерова болест, сега јавната свест е подигната, но сè уште немаме соодветна реакција од структурите, нема национална стратегија, а треба да се знае дека здравото стареење е важна тема во ЕУ и од нас се очекува да го уредиме тоа - истакна Мимица.

Тој додава дека проблемот е голем и дека за него треба да се зборува, додавајќи дека ова е начин за болеста освен целната публика, на пример, членовите на фамилиите на заболените, да се информираат и случајните гости или млади што отишле на настанот за да слушаат музика.

Говорејќи за десетте знаци за нарушување на спознајните функции, од кои најважниот е губењето на помнењето, Мимица истакна дека не е љубов ако се толерираат промените во однесувањето, како да не се случуваат нешта како ставање на пеглата во фрижидер, љубов е да се препознае болеста и со лекови да се забави.

Психологот Инес Галетиќ Жагар истакна дека во Хрватска сега има околу 80.000 лица заболени од оваа тешка и долготрајна болест. Намерата е фамилиите и јавноста во целина полесно да ја сфатат целата клиничка слика на лицата со деменција бидејќи ако фамилијата и околината разбираат што се случува со заболените, реакциите ќе бидат прифатливи за сите, помалку ќе бидат нарушени достоинството и сигурноста.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје