„Чет-ГПТ“ е несомнено најпознатиот чeт-бот денес, но тоа не значи дека е единствената опција. Во време кога вештачката интелигенција напредува екстремно брзо, се појавуваат сè повеќе алатки кои можат да се натпреваруваат, па дури и да го надминат „Чет-ГПТ“ - во зависност од тоа што му е потребно на корисникот. Без разлика дали барате подобра интеграција со работната средина, покреативен пристап кон пишувањето или вештачка интелигенција што учи во реално време, алтернативите постојат и се сè посериозни.
„Гугл Џеминај“ (порано „Бард“) е развиен од „Гугл“ како директен одговор на популарноста на „Чeт-ГПТ“. Неговата најголема предност е длабоката интеграција во екосистемот на „Гугл“ - од „Џимејл“ и „Гугл докс“ до „Шитс“ и прелистувачот „Хром“. Им овозможува на корисниците да работат на документи во реално време, а верзијата „Џеминај 1.5 Флеш“ е специјално оптимизирана за брзина и ефикасност на бизнисот. Достапен е во бесплатна верзија, додека дополнителните функции се отклучуваат преку претплата, што го прави логичен избор за секој што веќе користи „Гугл воркспејс“.
Од друга страна, „Мајкрософт копајлот“ се позиционира како главна алатка за вештачка интелигенција во најважните апликации на „Мајкрософт“ – „Ворд“, „Ексел“, „Пауерпоинт“, „Аутлок“, па дури и „Виндоус“. Работи на ГПТ-4 на „Опен АИ“, а може да генерира и слики. Помага при пишување документи, обработка на податоци, испраќање е-пошта и креирање презентации, но и при програмирање во „Гитхаб“. Основната верзија е бесплатна, додека целосниот потенцијал се отклучува со „Копајлот про“и лиценцата „Мајкрософт 365“.

Меѓу алтернативите,
„Клод“ - моделот на вештачка интелигенција на компанијата „Антропик“ - се издвојува сè повеќе. Базиран е на таканаречениот пристап на „уставна вештачка интелигенција“, што значи дека неговото однесување е определено од јасно дефинирани етички правила. Особено е ценет меѓу писателите, блогерите, маркетерите и креаторите на содржини, бидејќи може да ги приспособи стилот, тонот и начинот на изразување и да генерира содржина кохерентно и без плагијат. Поради својата сигурност и безбедносен пристап, сè повеќе се користи во системите за поддршка на деловни клиенти.
Елон Маск го претстави
„Грок“ на пазарот - чет-бот создаден од неговата компанија „хАИ“. За разлика од конкурентите, „Грок“ е директно поврзан со платформата „X“ (порано Твитер), што му овозможува пристап до информации во реално време. Ова му овозможува да одговара на прашања поврзани со актуелни вести, трендови и дискусии. Посебна карактеристика на „Грок“ е неговата „личност“ - Маск сакал вештачка интелигенција која информира, но исто така реагира со допир на хумор, иронија и автентичност. Иако можеби технички сè уште не е на нивото на своите најголеми конкуренти, неговиот развој напредува исклучително брзо и е достапен за корисниците со претплата „X премиум+“.
„Дипсик“, кинески чет-бот со вештачка интелигенција кој привлече внимание во 2025 година, сè повеќе се приклучува на листата со сериозни конкуренти. Развиен е од компанијата со исто име и е базиран на напредна мешавина од експертиза која овозможува брзи одговори и ефикасно користење на компјутерските ресурси. И покрај тоа што доаѓа од компанија со значително помалку инвестиции од западните технолошки гиганти, „Дипсик“ покажува исклучителни перформанси. Неговата бесплатна апликација брзо стана најпреземана во САД, дури и пред „Чет-ГПТ“, а фактот дека е модел со отворен код ја зголемува неговата привлечност.
Конкуренцијата е посилна од кога било, а корисниците конечно можат да ја изберат алатката што најдобро одговара на нивните навики, потреби и начин на работа - без разлика дали сакаат брзина, креативност, интеграција или поголема контрола врз она што го прави вештачката интелигенција.
Извор: bajtbox.com
Фото: Freepik