Извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, неодамна сподели интересни согледувања за тоа како различните генерации го користат „Чет-ГПТ“, опишувајќи впечатливи разлики во користењето на оваа вештачка интелигенција.
- Грубо кажано, повозрасните го користат „Чет-ГПТ“ како замена за „Гугл“ - вели Алтман истакнувајќи дека луѓето во дваесеттите и триесеттите години го доживуваат како животен советник, додека студентите го користат како „оперативен систем“.
- Тие навистина го користат како оперативен систем. Го поврзуваат со различни датотеки - објаснува тој.
Некои студенти, според Алтман, одат чекор подалеку: не носат важни животни одлуки без претходно да се консултираат со „Чет-ГПТ“.
- Има случаи кога некој буквално не носи одлука без да го праша „Чет-ГПТ“ што треба да направи. Тој има целосен контекст за секоја личност во нивниот живот и за сите разговори што ги воделе - додаде тој.
„Опен АИ“ во февруари објави дека студентите во САД се најчести корисници на „Чет-ГПТ“. Истражувањето на центарот за истражување „Пју“ направено во јануари 2024 година покажа дека 26 отсто од тинејџерите на возраст од 13 до 17 години го користеле „Чет-ГПТ“ за домашни задачи во споредба со само 13 отсто една година претходно.
Алтман, исто така, рече дека „Чет-ГПТ“ пишува значителен дел од кодот во „Опен АИ“, иако не откри конкретна бројка. Тоа значи дека и нивните инженери го користат „Чет-ГПТ“ како помош при програмирање, исто како илјадници други програмери во светот.
Извор:
Business Insider
Фото: Freepik