„Мајкрософт офис“, со своите легендарни апликации „Ворд“, „Ексел“ и „Пауер поинт“, со децении е неоспорен владетел во светот на продуктивноста. Неговата доминација е толку вкоренета што форматот „.docx“ стана синоним за текстуални документи.
Сепак, преминот кон модел на претплата преку „Мајкрософт 365“, со годишни трошоци кои не се занемарливи, ги охрабри корисниците и компаниите да истражат што нуди пазарот на бесплатни алтернативи. Добрата вест е дека понудата денес е побогата и со повисок квалитет од кога било.
„Либре офис“
За сите оние што ја ценат приватноста, работата без интернет-конекција и целосната контрола врз своите податоци, „Либре офис“ е апсолутен шампион. Тоа е моќен канцелариски пакет со отворен код кој произлезе од проектот „Опен офис“ и е развиен од непрофитната организација „Документска фондација“.
Пакетот вклучува шест главни апликации: „Пишувач/Writer“ (за обработка на текст), „Калк/Calc“ (за табеларни пресметки), „Импрес/Impress“ (за презентации), „Цртање/Draw“ (за векторска графика), „База/Base“ (за бази на податоци) и „Математика/Math“ (за математички формули). Неговата најголема предност е што е целосно бесплатен, без скриени трошоци, не бара регистрација, не прикажува реклами и сите ваши датотеки остануваат безбедно складирани на вашиот компјутер.
Иако го користи отворениот ОДФ (OpenDocument Format) како свој стандарден формат, „Либре офис“ нуди многу добра компатибилност со форматите на „Мајкрософт“, што значи дека можете да отворате и зачувувате „.docx“, „.xlsx“ и „.pptx“ датотеки без поголеми проблеми. Секако, може да има мали отстапувања со екстремно сложени документи со напредно форматирање, но за огромното мнозинство корисници ова нема да биде проблем. Неговиот интерфејс можеби е малку потрадиционален, но нуди неверојатно ниво на приспособување.
„Гугл воркспејс“
Ако вашиот работен ден е поврзан со тимска работа и постојаната потреба за споделување и уредување документи заедно, тогаш пакетот алатки на „Гугл“ е логичен избор. „Гугл докс/Google Docs“, „Шитс/Sheets“ и „Слајдс/Slides“ го редефинираа концептот на соработка во реално време. Можноста повеќе корисници истовремено да пишуваат, коментираат и да предлагаат промени на истиот документ стана стандард за модерните тимови.
Бидејќи ова се апликации само за облак, не е потребна инсталација, а вашите документи се достапни од кој било уред со интернет-конекција. Сите промени автоматски се зачувуваат на „Гугл драјв“, со што се елиминира стравот од губење податоци. Сепак, овој пристап има и недостатоци. Зависноста од интернет-конекција е клучна, иако постои и офлајн режим кој бара претходна подготовка. Во споредба со моќните десктоп-решенија, алатките на „Гугл“ немаат некои напредни функции, а увозот на сложени датотеки на „Мјакрософт офис“ понекогаш може да резултира со „неисправно“ форматирање, главно поради разликите во фонтовите и поддршката за специфични функции.

„ВПС офис “ и „Онли офис“
Во категоријата алатки кои се трудат визуелно и функционално да го реплицираат „Мајкрософт офис“ се издвојуваат два силни играчи. „ВПС офис/WPS Office“, развиен од кинеската компанија „Кингсофт“, нуди интерфејс кој е речиси идентичен со оној на „Мајкрософт“, што го олеснува преминот за корисниците. Неговиот систем на табови, кој ви овозможува да отворите повеќе документи во еден прозорец, е исклучително практичен. Покрај стандардните алатки, вреди да се спомене дека ВПС нуди и многу способен ПДФ-уредник. Главниот компромис на бесплатната верзија се рекламите што се појавуваат повремено.
Од друга страна, „Онли офис/OnlyOffice“ се фокусира на максимална можна компатибилност користејќи ги „Мајкрософт“ форматите (.docx, .xlsx, .pptx) како свои матични формати. Ова го прави идеален избор за средини каде што датотеките постојано се разменуваат со корисниците на „Мајкрософт офис“. Десктоп-верзијата е целосно бесплатна и нуди чист, модерен интерфејс, додека напредните функции за соработка во облак се резервирани за деловни корисници и платени пакети.
Извор: bug.hr
Фото: Freepik