Можеме да обезбедиме витамин Д на три начина - со изложување на телото на сончева светлина, храна или суплементи. Но, дали сонцето ни е доволно или ни треба и суплемент во лето? Витаминот Д е уникатен витамин и повеќето луѓе не внесуваат доволно од него. Изложеноста на сонце во одреден период од денот може да ни помогне да ја достигнеме препорачаната количина на витамин Д за пократко време. Но, премногу изложеност на сонце може да има несакани ефекти врз здравјето на луѓето, особено врз кожата.
Сонцето е најдобриот извор на витамин Д
Се проценува дека 50 проценти од светската популација има недостиг на витамин Д, а овој недостиг се јавува кај дури 60 проценти од луѓето во домовите за стари лица и хоспитализирани пациенти. Овој витамин се произведува од холестеролот во нашата кожа кога е изложена на сонце. Затоа е многу важно да се добие доволно сончева светлина за да се одржат оптимални нивоа на витамин Д. Сепак, премногу сончева светлина носи свои здравствени ризици.
Кога кожата е изложена на сончева светлина, таа произведува витамин Д од холестерол. Сончевите ултравиолетови Б-зраци го напаѓаат холестеролот во клетките на кожата обезбедувајќи енергија за синтеза на витамин Д. Витаминот Д има многу улоги во телото и е неопходен за оптимално здравје. На пример, ги насочува клетките во цревата да апсорбираат калциум и фосфор - два минерали кои се неопходни за одржување силни и здрави коски.

Од друга страна, ниските нивоа на витамин Д се поврзани со сериозни здравствени последици, како што се: остеопороза, рак, депресија, мускулна слабост и смрт.
Покрај тоа, само неколку видови храна содржат значителни количини на витамин Д - масло од црн дроб на бакалар, сабјарка, лосос, конзервирана туна, говедски црн дроб, жолчки од јајца и сардини. Овие намирници треба да се јадат речиси секој ден за да се добие доволно витамин Д. Ако некое лице не добива доволно сончева светлина, често се препорачува земање додатоци на витамин Д. Важно е да се напомене дека сончевите зраци не можат да продрат низ прозорците, што значи дека луѓето што работат во сончеви затворени простори се склони кон недостиг на витамин Д.

Дали кремот за сончање влијае врз витаминот Д?
Луѓето користат крем за сончање за да ја заштитат кожата од изгореници од сонце и рак на кожа. Студија од 2017 година покажала дека бидејќи УВБ зраците се неопходни за производство на витамин Д, кремот за сончање може да ја спречи кожата да го произведува. Сепак, ставањето крем за сончање има само мал ефект врз нивото на витамин Д во крвта во текот на летото.
Опасности од премногу сончева светлина
Иако сончевата светлина е одлична за производство на витамин Д, премногу сонце може да биде опасно. Во овој поглед, експертите истакнуваат некои последици што можат да бидат предизвикани од премногу сончева светлина:
Изгореници од сонце: Најчестиот штетен ефект од премногу сончева светлина. Симптомите на изгореници од сонце вклучуваат црвенило, оток, болка или осетливост и плускавци.
Оштетување на очите: Долготрајната изложеност на УВ-светлина може да ја оштети мрежницата и да го зголеми ризикот од очни заболувања, како што е катаракта.
Стареење на кожата: Предолгото изложување на УВ-светлина може да предизвика побрзо стареење на кожата.
Промени на кожата: Бенки и други промени на кожата може да бидат несакан ефект од прекумерна изложеност на сончева светлина.
Топлотен удар: Исто така познат како сончев удар, ова е состојба каде што температурата на телото може да се покачи поради премногу топлина или изложеност на сонце.
Рак на кожа: Премногу УВ-светлина е главната причина за рак на кожата.
Доколку планирате да поминете многу време на сонце, внимавајте да не се изгорите и нанесете крем со заштитен фактор пред да излезете надвор, а нанесувајте го повторно на секои 60 минути за да ги избегнете штетните ефекти.
Времето на изложеност треба да зависи од тоа колку е чувствителна вашата кожа на сончева светлина.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik