X
 21.08.2023 Технологија

Наивни или измамени? Купувачи на НФТ покренуваат тужба и велат дека се насамарени

2021 година во крипто-светот ќе остане запаметена како година во која процветаа НФТ-делата - записи на блокчејн поврзани со дигитални илустрации од разни ликови. Такви токени тогаш се продаваа за огромни суми, ги купуваа славни лица и други вложувачи, а многумина се надеваа дека НФТ ќе стане главно средство за генерирање богатство во иднината на колекционерството. Меѓутоа, од врвот на таа манија поминаа речиси две години, а голем дел од делата продадени тогаш денес се речиси безвредни. Кој би рекол дека вложувањето милиони долари во сликички од мајмуни не е добра инвестиција со голем поврат?

Наивни или измамени?

Некои од вложувачите сметаат дека се насамарени, па почнале да покренуваат тужби. Најистакната е тужбата покрената уште во декември минатата година, која сега е дополнета со нови обвиненија. Купувачи на НФТ од колекцијата „Bored Ape Yacht Club“ тврдат дека се оштетени со огромниот пад на цените на нивните колекционерски дигитални сликички. Имено, уште во мај минатата година сликичките од мајмуните се продаваа по цени повисоки од 400.000 долари, а неретко достигнуваа и милионски износи. Само неколку месеци подоцна се случи колапс на пазарот, па тие сега вредат околу 50.000 долари.

Вложувачите не очекувале вакви загуби, па во тужбата тврдат дека станува збор за смислен потфат со кој биле наведени на погрешна одлука. Затоа тие ја тужат компанијата „Југа лабс“, аукциската куќа „Сотбис“ и низа славни личности, меѓу кои се Џастин Бибер, Парис Хилтон, Снуп Дог, Мадона, Серена Вилијамс и други. Сите тие со заеднички сили давале кредибилитет на колекцијата, поради што вложувачите биле спремни за НФТ да дадат астрономски суми.

Во тужбата стои дека компанијата, во дослух со аукциската куќа, водела кампања на залажување, тврдејќи дека некои од купувачите на НФТ биле вистински колекционери. Во меѓувреме се покажа дека тој „традиционален колекционер“ бил Сем Банкман Фрид, сега обвинет криптокриминалец и основач на пропаднатата менувачница Еф-ти-екс. Тоа на тужителите им служи како доказ дека станува збор за смислена акција со цел подигнување на перципираната вредност на НФТ, онаа што во меѓувреме драстично потона и ги доведе до загуби.

Извор: Bug
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија