Двајца колекционери покренаа правна постапка против Бенкси затоа што одбил да ја потврди автентичноста на една од неговите познати слики. Идентитетот на уметникот долго време е предмет на шпекулации и истрага, но овој пат може да биде принуден да го открие своето вистинско име доколку спорот околу неговото дело „Мајмун-кралица“, на кое е претставена кралица Елизабета втора како мајмун со скапоцености, заврши на суд.
Двајца колекционери на уметнички дела поднеле тужба против компанијата „Пест контрол“, која го застапува уметникот, откако тој одбил да ја потврди автентичноста на делото. По три години обиди да добијат одговор, Ники Кац и Реј Хаус го изгубиле трпението и поднеле тужба против „Пест контрол“ за прекршување на договорот.
Тие наведуваат дека на веб-страницата на компанијата пишува дека издава сертификати за автентичност за слики, графика, скулптури и други креации. Подносителите на тужбата го споредуваат сертификатот со потврда за регистрација на возилото. Тоа значи дека можете да го купите, продадете или осигурите како уметничко дело бидејќи имате гаранција дека е легално.
Бенкси, познат по своите графити и дела со шаблони, се опишува себеси како „квалитетен вандал“ кој го исмева авторитетот преку уметнички дела на јавни места. Неговата делумно исечена слика „Љубов“ беше продадена за повеќе од 18,5 милиони фунти на аукција во 2021 година, додека неговите слики се продаваат по суми од по пет или шест цифри.
Уметникот ја основал компанијата „Пест контрол“ во 2008 година бидејќи лажни дела се продавале на интернет и играле клучна улога на пазарот. Сертификатот за автентикација е од витално значење за да се постигне максимална цена при продажба на негово дело.
Идентитетот е мистерија со децении
Вистинскиот идентитет на Бенкси со децении е мистерија и за него често се шпекулира.
Кац и Хоус велат дека залудно се обидувале да добијат потврда дека делото што го купиле за 30.000 фунти во 2020 година од добро познат колекционер на Бенкси е, всушност, на Бенкси. Сепак, делото нема документација што би го потврдила тоа.
Кац е 65-годишен жител на Лондон, поседува богата уметничка колекција која вклучува многу дела на Бенкси. Тој вели дека делото „Мајмун-кралица“ вреди меѓу 55.000 и 70.000 фунти и е огорчен поради доцнењето од компанијата „Пест контрол“.
- Не знаеме на што сме, а тоа се многу пари. Компанијата тврди дека е официјален претставник на делото на овој уметник. Но, ова трае веќе три години. Не кажуваат дали ова е или не е автентично дело. Тоа е услугата за која тврдат дека ја даваат. Ако е не е автентично, тоа е во ред, бидејќи тогаш автентичноста ќе ја бараме од колекционерот од кој е купена сликата. Ако е автентично, одлично, дајте ни ја документацијата што ни е потребна - вели тој.
На крај, двајцата колекционери одлучиле дека единствената опција им е правната постапка.
Кац нагласува дека е разочаран од однесувањето на Бенкси.
- Ова драматично влијае врз вредноста на неговата работа. Ако имав слика од Леонардо да Винчи, немаше да барам потврда од „Контролата на Леонардо“. Едноставно би го однел кај експерт за да ми каже дали е дело на Леонардо. Во случајот со Бенкси, и да имаш стручно мислење дека парчето е негово, ако нема сертификат од „Пест контрол“, не можеш да се потпреш на ниту еден експерт - вели тој.
Џон Брендлер, водечки специјалист и дилер на делата на Бенкси, вели дека тоа е вистинско дело на Бенкси.
- Ова одолжување од „Пест контрол“ е честа пазарна манипулација бидејќи Бенкси само сертифицира дела што сака одредени поединци да ги поседуваат. Тоа не е исто што и автентикација. Ако некој открие дело на Тицијан на таванот, никој не вели: „Кој си ти и зошто го имаш?“ Или е Тицијан, или не е. Кај Бенкси тоа е: „Кој си ти и зошто да ти кажам?“ - објаснува Брендлер.
Тој напоменува дека цените за делата на Бенкси се значително пониски отколку пред три години.
Од компанијата „Пест контрол“ порачуваат: - Нашиот процес на автентикација е внимателен и темелен и понекогаш одзема многу време. Имаме издадено илјадници сертификати за автентичност.
Извор:
The Guardian
Фото:
Instagram