X
 14.05.2022 Технологија

Професор по право објаснува дали можете да поседувате предмети во виртуелниот свет

Поголемиот дел од крипто-ентузијастите ги промовираат незаменливите токени (НФТ) како дигитални предмети кои може вистински да се поседуваат со помош на децентрализираниот пристап. Се смета дека овие токени се докази за сопственост кои може да се користат на повеќе апликации за метаверзуми, игри и други виртуелни околини.

Меѓутоа, правниот статус на виртуелните „сопственици“ е многу покомплициран. Како што пишува Жоао Мариноти, професор по право на Универзитетот „Индијана“ во САД за Светскиот економски форум, сопственоста на добрата во метаверзумот не се регулира со правото на сопственост, туку со закон за договори.

Според него, корисниците треба да знаат дека постои ризик при купувањето виртуелни добра во метаверзумот бидејќи сопственоста во метаверзумот не е исто како и сопственоста во физичкиот свет. Кога купувате нешто во метаверзумот, трансакцијата се снима на блокчејн, дигитален метод за водење евиденција за економски трансакции. Блокчејн-технологијата е децентрализирана и таму трансакциите не може да се избришат или сменат.


Фото: Pixabay

Вашата сметка ви дава сопственост на НФТ, кој го чувате во крипто-паричник кој може да го отворите само вие и може да го „носите“ секаде во метаверзумот. Секој НФТ е поврзан со одреден виртуелен предмет. Но НФТ не е исто што и дигиталниот предмет. НФТ е доказ за лична сопственост со која може да поседувате дигитални добра во виртуелниот свет.

Меѓутоа, кога станувате дел од одреден метаверзум, прво мора да се согласите со правилата и условите на платформата. Во овие долги документи, кои речиси никој не ги чита, платформите за метаверзум ги наведуваат деталите за виртуелна сопственост.

За разлика од блокчејн-технологијата, условите на секоја платформа се централизирани и под контрола на компанијата што ја поседува платформата. Освен тоа, земјата, добрата и карактерите во метаверзумот постојат на приватни сервери на компанијата, односно не се на блокчејн. Затоа, деловите од метаверзумот се контролирани од самите платформи.


Фото: Pixabay

Правно, тоа значи дека платформите може да ги избришат или да ги подарат вашите предмети така што ќе ги одделат од соодветните кодови за идентификација на токените. На крајот, иако поседувате НФТ за дигитален предмет, правно не го поседувате дигиталниот предмет кој е поврзан со вашиот НФТ. Наместо тоа, платформите ви овозможуваат пристап до дигиталниот предмет.

Секако, не би бил мудар бизнис-потег од компанијата да ги користи вашите предмети, но треба да се знае дека нема закон кој ја спречува да го стори тоа. Конечно, многу платформи го имаат и правото да ги сменат условите и правилата за употреба со мало или никакво известување.

Извор: World economic forum 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија