X
 21.08.2025 Живот

Правниот и медицинскиот факултет се губење време, ВИ ќе ги престаса, предупредува поранешен директор на „Гугл“

Генерацијата з ќе фрла години од својот живот ако се одлучи за докторат, поради брзиот развој на вештачката интелигенција (ВИ), предупредува поранешниот лидер на „Гугл ВИ“, Џад Тарифи.

Додека дипломираните студенти од генерацијата З тешко наоѓаат работа, многумина се одлучуваат за докторски студии за да се издвојат. Но, Џад Тарифи, основачот на првиот тим за генеративна вештачка интелигенција во „Гугл“, смета дека тоа не е вистинскиот пат. Тој вели дека студентите ризикуваат да загубат години затоа што технологијата се развива премногу брзо.

Ова предупредување доаѓа во време кога извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, изјави дека „Чет-ГПТ“ веќе функционира на ниво на експерти со докторат, а Бил Гејтс призна дека дури и него го изненадува брзината со која напредува вештачката интелигенција.

Бидејќи класичните универзитетски дипломи ја изгубија својата вредност поради вештачката интелигенција, младите почнаа да гледаат кон повисоки академски титули за да добијат работни места со плати од над 200.000 долари, па дури и бонуси од 100 милиони долари. Сепак, Тарифи предупредува дека ни докторатите повеќе не носат иста предност.

„Вештачката интелигенција ќе ги реши работите пред да дипломирате“

- Вештачката интелигенција ќе биде на сосема друго ниво до моментот кога ќе завршите со докторат. Дури и апликациите како примената на вештачката интелигенција во роботика ќе бидат решени дотогаш - вели Тарифи.

Тој самиот докторирал во полето на вештачка интелигенција во 2012 година, во време кога темата не беше дел од мејнстримот. Денес, на 42 години, смета дека времето подобро би се вложило во потесни области поврзани со неа, како биологијата или би се одлучил да нема академска титула.

- Високото образование, какво што го познаваме, е на работ да стане застарено. Успехот во иднината нема да доаѓа од собирање дипломи, туку од развој на уникатни перспективи, самостојност, емоционална интелигенција и силни човечки врски. Ги охрабрувам младите да се насочат кон две работи: уметноста на длабокото поврзување со другите и внатрешната работа на поврзувањето со самите себе - вели Тарифи.

Медицината и правото - губење време?

Тарифи додаде дека дури и студирањето медицина или право повеќе не е исплатливо. Овие факултети бараат години вложување, а вештачката интелигенција се развива толку брзо што студентите само ќе изгубат драгоцено време.

- Во сегашниот медицински систем, она што го учите на факултет е застарено и базирано на меморија - нагласува тој.

Истото мислење го делат и други технолошки лидери. Сè повеќе се зборува дека скапите студии и застарените програми создаваат генерација неподготвена за иднината.

- Не сум сигурен дека факултетот ги подготвува луѓето за работите што им се потребни денес. Постои голем проблем со тоа, а студентските долгови се огромен товар. Долги години беше табу да се каже дека можеби не секој треба да оди на факултет. Но сè повеќе луѓе ја прифаќаат таа идеја - изјави Марк Закерберг на едно неодамнешно интервју.

ВИ како експерт со докторат


Сем Алтман од „Опен АИ“ неодамна изјави дека најновиот модел, „ГПТ-5“, веќе може да функционира како експерт со докторат во било која област.

- Разговорот со „ГПТ-5“ е како да зборувате со доктор на науки за секоја тема. Нешто такво во минатото ќе беше незамисливо - вели тој.

Докторатот сè уште води до високи плати – засега

Дел од академските лидери стравуваат од одлив на мозоци бидејќи сè повеќе експерти избираат да работат во технолошки компании наместо да останат како професори и да ја едуцираат следната генерација.

Хенри Хофман, раководител на катедрата за компјутерски науки на Универзитетот во Чикаго, вели дека неговите студенти со децении биле примамени од индустријата, но денес платите се рекордни.

- Еден мој студент без никакво работно искуство се откажа од докторските студии за да прифати понуда со шестцифрена плата од „Бајтденс“. Кога студентите можат да ја добијат работата што ја посакуваат уште додека студираат, нема причина да ги терате да продолжуваат - рече Хофман.

Извор: Fortune.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот