X
 23.12.2023 Технологија

Предвидувања на Бил Гејтс за 2024: Еден поим преовладува

Што го очекува светот во 2024 година? На ова прашање речиси никој нема одговор, но многумина се обидуваат да предвидат. Еден од нив е и еден од основачите на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, кој на својот блог објави свое предвидување за она што го чека светот во 2024 година, односно како технологијата ќе влијае врз здравството, образованието и работната сила.

Еден поим постојано се повторува во неговиот текст - вештачка интелигенција. Гејтс е уверен дека токму вештачката интелигенција ќе поттикне низа иновации.

- Иновациите се причината поради која нашите животи толку многу се подобрија во текот на минатиот век. Од струја и автомобили до лекови и авиони, иновациите го направија светот подобро место - напиша Гејтс.

Истовремено, тој е свесен дека технологијата не се прифаќа на ист начин и со иста брзина насекаде низ светот. Тој проценува дека во САД вештачката интелигенција ќе игра значајна улога за една или две години. Од друга страна, за земјите во Африка оваа промена ќе дојде за три или повеќе години.

Вештачката интелигенција ќе ги трансформира нашите работни места

За Гејтс, вештачката интелигенција не е ништо ново. За неа се зборува долго време, а некои форми се во употреба со години. Но, тој признава дека во 2023 година првпат сериозно ја искористил вештачката интелигенција за работа, а тоа само ќе се интензивира во наредните години. Сепак, признава дека не сфатил во целост како најдобро да ја искористи вештачката интелигенција во работата, а уверен е дека со истото се соочуваат и многу други.

Здравство

Една од областите што доживуваат најмногу промени под влијание на вештачката интелигенција е здравството. Иако многу се работи на развој на вештачка интелигенција која би можела да им помогне на лекарите или дури и да ги открива симптомите подобро од нив, Гејтс истакнува дека може да очекуваме голем технолошки бум во медицината дури на крајот на оваа деценија.

Сепак, има неколку проекти кои во моментов се обидуваат да ја искористат моќта на вештачката интелигенција за да ги решат светските медицински проблеми: отпорност на антибиотици, третман на високоризични бремености и процена на ризикот од ХИВ.

Образование

Образованието претрпе големи промени во последниве години. Поради пандемијата, генерации студенти учеа од далечина, прво совладувајќи ја технологијата, а потоа основите како пишување или читање, и се чини дека таквите трансформации само ќе продолжат. Гејтс веќе зборуваше дека употребата на вештачка интелигенција во училниците може да го промени начинот на кој учиме во следните пет до десет години. Но, сега тој ја ревидира таа процена.

Тој ги нарекува неверојатни алатките што користат вештачка интелигенција, а веќе се достапни за сите. Ова не значи дека наставниците ќе станат вишок, туку дека со помош на вештачката интелигенција ќе можат персонализирано да им пристапат на учениците и да им овозможат да најдат мотивација за одредени предмети. Сепак, сето тоа дополнително ќе ги оптоварува наставниците, кои први ќе мора да се приспособат на новите технологии во својата работа.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Gates notes
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија