X
 21.10.2021 Наука

Бубрег од свиња успешно трансплантиран во човек

Со повеќе стотици илјади луѓе кои чекаат трансплантација на орган само во Соединетите Американски Држави, научниците се во трка за наоѓање опции во кои не би биле вклучени само луѓе донори. Така, првпат во историјата успешно е извршена трансплантација на бубрег од свиња во човек, без отфрлање од имунолошкиот систем на примателот.

Ова е голем напредок кој би можел да помогне во решавањето на недостигот на човечки органи за трансплантација. Операцијата била извршена во медицинскиот центар „Лангон“ во Њујорк, а била користена свиња чии гени биле променети за нејзините ткива веќе да не содржат молекули за кои е познато дека предизвикуваат речиси моментално отфрлање.

Примател била пациентка со мозочна смрт која имала знаци за дисфункција на бубрегот. Нејзината фамилија се согласила на експериментот пред моментот кога таа требало да биде отстранета од апаратот за одржување во живот.

- Три дена новиот бубрег беше поврзан со нејзините крвни садови и беше одржуван надвор од телото, па на тој начин научниците имаа пристап до него. Резултатите од испитувањето на функциите на трансплантираниот бубрег изгледаа „прилично добро“ - истакна хирургот Роберт Монтгомери.

Тој додаде и дека бубрегот ја создал очекуваната количина на урина, а ненормалното ниво на креатинин, што е показател на слаба функција на бубрегот, по трансплантацијата се вратило во нормала.

Сè уште има многу препреки што треба да ги надминеме, но користењето на органите од други животни на ваков начин може да им помогне на стотици илјади луѓе за кои не се смета дека се во толкав ризик за да добијат трансплант, но мора да одат на дијализа.

Извор: klix | Science Alert
Насловна фотографија: Joe Carrotta/NYU Langone Health

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука