X
 21.10.2025 Образование

Активно учество на УКЛО на 9. научна конференција на Берлинскиот процес

Во пресрет на Самитот на шефови на држави и влади што моментално се одржува во Лондон, одржана е 9. научна конференција на високи академски претставници од земјите учеснички во Берлинскиот процес. На конференцијата во Љубљана, заедно со високи академски претставници – ректори, претседатели и секретари на водечките јавни универзитети и национални академии на науки од земјите опфатени со Берлинскиот процес, активно учествуваше и УКЛО.

2

Настанот се одржа од 14 до 16 октомври, во организација на Кралското друштво од Лондон и Германската академија на науки и уметности Леополдина, под мотото „Науката под притисок – предизвици и можности“. Конференцијата се фокусира на улогата на науката и високото образование во услови на современи кризи, нагласувајќи ја потребата од засилени инвестиции во истражување и развој. Особено беа разгледани и предизвиците со кои се соочуваат универзитетите и научните институции.

3

Преку своето присуство, УКЛО придонесе кон унапредување на регионалната академска соработка и размена на идеи за справување со актуелните научни и образовни предизвици. Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, во своето излагање го нагласи значајниот напредок во националниот систем: - Последната година може да се смета за златна ера на високото образование и науката во Македонија. Социјалниот и општествениот статус на вработените во овие сектори е значително унапреден. Првпат по петнаесет години се финансираат национални научни проекти со значајни буџети, а исто така, македонските истражувачи добија пристап до реномирани меѓународни бази како Web of Science и Scopus. 

4

Со создадени сериозни предуслови, сега фокусот треба да се насочи кон унапредување на квалитетот на научните истражувања и едукацијата. Дополнително, тој истакна дека и покрај напредокот, како акутен проблем во државата останува финансиската автономија на универзитетите. Тие финансиски се третираат како да се дел од државната администрација иако според Законот за високото образование тоа не се. Универзитетите не можат самостојно да вработуваат иако имаат средства во буџетот, ниту слободно да располагаат со буџетските ставки и сопствените приходи, што ја ограничува апсорпцијата на квалитетен научен подмладок како предуслов за подигнување на квалитетот на високото образование и науката.

5

На крајот од конференцијата беше усвоена заедничка декларација од страна на учесниците што е доставена до организаторите на актуелниот Самит во Лондон за разгледување и потенцијално усвојување.

6

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование