X
 21.11.2017 Живот

Скриеното богатство на рускиот владетел - Путин е најбогатиот човек во светот

Рускиот претседател Владимир Путин би можел да е еден од најбогатите луѓе во светот, тврди Лук Хардинг, новинар од британскиот „Гардијан“ и автор на книгата: „Таен договор: Тајни состаноци, валкани пари и како Русија му помогна на Доналд Трамп да победи“.

„Парите на Путин се табу-тема во Русија. Пишував за тоа во 2007 година, врз основа на извори од претседателската администрација кои ми кажаа дека Путин „тежи“ околу 40 милијарди долари. Тоа беше пред 10 години“, вели Хардинг во видео објавено на „Бизнис инсајдер“.

„Работата е во тоа што Русија е клептократија. Таа е најголемиот производител на нафта во светот и луѓето што се на врвот на руската држава се милијардери. Путин се наоѓа на врвот на оваа пирамида, иако неговата плата е 100.000 долари годишно“, објаснува тој и додава дека целата руска елита знае дека тој е најбогатиот човек во Русија.

Хардинг тврди дека Путин контролира 37 отсто од руската нафтена компанија „Сургутнефтегаз“, 4,5 отсто од „Газпром“ и има удел во „Гунвор“, компанија што се занимава со трговија, транспорт, складирање на енергија и инвестиции во енергетскиот сектор, а во 2012 година наводно оваа компанија реализирала профит од 92 милијарди долари. Хардинг не е единствениот човек што успеал да го отвори ова прашање, делумно. Богатството на Путин, иако сите се согласуваат дека е огромно, е невозможно да се провери и сè се сведува на процени и шпекулации. Најпознатото проценување се појави во 2007 година од поранешниот советник во Кремљ, Станислав Белковски. Токму тогаш богатството на Путин било проценето на 40 милијарди долари.

„Минимално 40 милијарди евра, додека максималната сума не може да се дознае. Верувам дека постојат работи за кои не знам ништо“, изјави Станислав. Подоцна во 2012 година тој ја зголемил процената на 70 милијарди долари. Секако, се појавија и шпекулации дека Путин би можел да „тежи“ и над 200 милијарди долари, со што би бил побогат од Бил Гејтс и Џеф Безос заедно.

Иако не се согласуваат со износот, никој не оспорува дека Путин е добар со пари и дека дистрибуирал богатство преку тајна мрежа на акции во компании, недвижен имот и сметки на другите луѓе. Го поврзуваат со палатата на Црното Море вредна една милијарда долари и изградена за него. Се споменуваат и четири јахти, вклучувајќи ги и „Олимпија“ и „Грејсфул“, 58 авиони и хеликоптер, 20 резиденции и вили, како и колекција на часовници чија вредност се искачува до 500.000 долари. Путин тврди дека сето ова е лага.

Путин планира повлекување?


Повикувајќи се на извори од Кремљ, британскиот „Индепендент“ пишува дека Путин е „уморен“ и наводно подготвува повлекување од позицијата шеф на Русија. Како што пишува „Индепендент“, Путин не сака повторно да поминува низ една долга предизборна кампања, поради што таа на наредните избори ќе биде сведена на минимум и нема да биде прогласена шест месеци порано како што беше случајот пред пет години.

Повеќето аналитичари не очекуваат Путин да ја најави кандидатурата пред средината на декември. Од друга страна, веќе започна битката за премиер, бидејќи инсајдерите веруваат дека времето на Дмитриј Медведев помина и дека се бара нов кандидат кој наводно ќе го почне периодот на „пост-Путин“ во Русија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот