X
 21.11.2025 Живот

Истражувач тврди дека ја пронашол Атлантида

Научниците со векови ја бараат изгубената Атлантида - митскиот континент и цивилизација опишана од грчкиот филозоф Платон. Досега многу истражувачи веруваа дека ја пронашле, но немало конкретни докази.

Истражувач од Шпанија тврди дека го лоцирал вистинското место на Атлантида и дека сè што Платон напишал во своето дело се совпаѓа со неговите откритија.

Мајкл Донелан верува дека камените структури што ги открил на островот Салмедина, западно од Гибралтар, се остатоци од Атлантида. Карпестите формации покрај брегот, вели тој, потекнуваат од изгубена цивилизација. Во документарецот „Атлантика“, кој го снимил со своите колеги, Донелан истакнува дека камените плочи се видливи само двапати на ден, за време на одлив.

Геолозите проценуваат дека областа на длабочина од околу три метри е стара приближно 3.000 години, но Донелан тврди дека остатоците од Атлантида се многу постари.

- Она што го најдовме е на длабочина од повеќе од 20 метри. Кога ќе се спуштите 15 до 20 метри, стигнувате до дното... но во реалноста мора да земете предвид дека веројатно има уште пет, десет, можеби дури и 15 метри седимент над подводните урнатини, што дополнително ја зголемува староста - вели Донелан.

Траги од катаклизма

Истражувајќи ги овие камени формации, тој тврди дека тие не само што се древни, туку содржат и траги од катаклизмички настани.

- Постојат индикации дека овие населби биле погодени од трауматско влијание или серија климатски промени - истакнал тој.

За време на истражувањето, тимот користел модерни технологии, како ехосондер (инструмент што открива предмети во морето со помош на звук), што им овозможило да создадат 3Д-мапа на морското дно.

- Откритијата до кои дојдовме се толку слични на текстовите на Платон за Атлантида, па тешко е да се помисли дека станува збор за нешто друго. Или Платон зборувал за ова место или е неверојатна случајност што научните откритија и текстовите се совпаѓаат - тврди Донелан.

Потребни се ископувања

Сепак, за да се потврди дека навистина станува збор за Атлантида, потребни се физички докази во форма на ископувања и археолошки локалитети. Токму затоа академската заедница е скептична кон тврдењата на Донелан.

Сепак, Донелан ги поканува сите скептици да го гледаат неговиот филм за откритијата.

 

- Урнатините што ги откривме под вода се само мал дел од низата откритија кои укажуваат дека Иберискиот Полуостров имал напредна култура пред илјадници години. Планирам да продолжам со истражувањата, и на копно и под морето - нагласил тој.

Извор: avaz.ba

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот