X
 14.05.2025 Наша тема

„Како студентка во библиотека минував цело работно време“, вели Ивана Хаџиевска, историчарка и истражувачка која дипломира и магистрира на историски науки со просек 10

Во време кога предност им се дава на техничките науки и информатиката, Ивана Хаџиевска дипломира (2018), а потоа и магистрира (2021) на историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје со највисок просек. Се одлучила да студира историја не од некои романтични побуди, туку затоа што смета дека хуманистичките науки успеваат да го еманципираат општеството и да го поттикнат политичкото здравје на нацијата.

Историјата ја поттикнува интелектуалната храброст, наспроти софизмот

-Софистите во стара Грција биле многу образован слој во општеството, оттаму доаѓа и терминот софистицираност. Но, соработувале со елитите. Не се грижеле за она што се нарекува општо добро, па биле нивна алатка и знаењето им било користено на лукративни начини. Затоа секогаш сакам повеќе да видам како историските науки можат да нѐ еманципираат нас како општество. Сметам дека интелектуалецот секогаш треба да е критички поставен кон односите на моќ. Желбата да видам како се структурирани односите на моќ ме влечеше кон историјата на трудот, работничката историја, движењата за побуна бидејќи некои од најголемите придобивки, како осумчасовно работно време, одмор и друго, се стекнати низ трудовата историја - вели Хаџиевска.



Магистрира со тезата „Човечката положба на индустриските работници во Вардарска Македонија меѓу двете светски војни“. Истражувачкиот интерес ѝ е во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените, трудот и политиките на сеќавање. Низ годините се искали во интелектуалец со изграден став кон многу општествени случувања, говорник со висок стил, студиозен истражувач, автор на повеќе стручни трудови и публикации.

Сакав да прочитам што се нуди надвор од скриптите на факултет

Многу чита, а како студент поминувала во библиотека цело работно време.

-Завршив и магистрирав со просек 10. Тоа никогаш не беше производ на намерно гонење на тој просек. Најмногу избирав да одам на усните испити бидејќи ми даваа можност она што сум го прочитала во библиотеките да го искажам. Секогаш сакав да видам каква е таа литература што ми се нуди покрај скриптите. Избирав да одам во Националната универзитетска библиотека во Скопје и таму минував цело работно време, на тој начин ги запознав и вработените. Тоа што читав ми помагаше да бидам во предност во некоја тематика. Не настапував со кариеризам, софизам, туку со критичка мисла - вели таа.



Еманципацијата е возможна преку хуманистичките науки

Во однос на денешното фаворизирање на техничките науки пред хуманистичките, Хаџиевска вели дека нивниот развој треба да биде паралелен. Да не се доведеме до дистописки сценарија каде што често луѓето од некој техно-оптимизам фантазираат дека утре ќе нема наставници, доктори, дека ќе бидат заменети со роботи.

-Дали технологија ќе може да нѐ еманципира или да нѐ зароби, да нѐ опресира? Идеолошки претходник на фашизмот бил футуризмот. Теоретичарите на фашизмот и неговите политички протагонисти биле опиени од футуризам, од машините, автомобилите, од тоа над човекот. Затоа на хуманистичките науки треба да им се пристапува токму низ нивната еманципаторска моќ во општеството и она што ние го нарекуваме политичко здравје на нацијата - вели Хаџиевска.

На работа пијам од изворот на историјата

Таа веќе три години работи како помлад соработник во Државниот архив во Битола. Вели дека има уникатна можност да пие од изворот бидејќи таму се чуваат и заштитуваат огромен број материјали од историски приоритет. На работата и надвор од неа неуморно истражува. На дел од објавените трудови заедничка нишка им е историјата на жените.



-Истражувајќи низ библиотеките како студент, пронајдов некои интересни извори како списанието „Македонка“, орган на Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија, каде што првпат пред мене се отвори еден широк дијапазон од информации, фотографии и материјали за начинот на кој жените се еманципирале на наша територија - додава Хаџиевска.
Оттаму произлезе и истражувачкиот проект Архиви на невидливите (Центар за истражување на национализмот и културата - Скопје, во кој се јави како коавторка, реализиран во периодот 2021-2022 година. Авторка е и на трудовите: „Политички заснована ‘женска солидарност’ во социјалистичка Македонија (рефлексивен текст за изворот „Македонка – Орган на АФЖ“, 1944 – 1953 година), потоа „Фонд 904 „ОО АФЖ – Ресен“, Архивските фондови во светлина на одбележувањето 80 години од формирањето на АФЖ на Македонија и други. Вклучена е во повеќе истражувања на фотофондови и други материјали во Архивот, а во изминатите десет години соработувала со многубројни домашни и интернационални истражувачки тимови и социјално-ангажирани колективи.


Прв штрајк на берберско-фризерските работници

Истражувачки проект и филм за животната приказна на дедо ѝ

Во нејзината библиографија посебно знаење има и независниот проект од областа на усната историја „Фаќачи на раселени сеќавања - случајот на Зиса Хаџиевски“, посветен на нејзиниот дедо кој ја преживеал голготата на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. Од истражувањето произлезе и аматерски документарен филм.

- Цел живот ги слушав неговите приказни за начинот на напуштање на селото и интеграцијата во средината во Битола. Ме фасцинира тоа што во неговата приказна секогаш имаше еден елемент на космополитизам, секогаш гледаше да излезе од нишката на жртвата и покрај сите тешкотии да се школува, да заврши Економски факултет достигнувајќи добар општествен статус - вели Хаџиевска.
Филмот има едукативна цел, а таа на студентите им порачува да ја користат науката низ призмата на интелектуалната храброст, секогаш да се гледаат како активни субјекти во општеството. Факултетот, заклучува таа, не е само за стекнување диплома и титула, туку за да се изградат индивидуи и колективи со голема моќ за социјални промени.


Хорот на КУД „Коста Абрашевиќ“ - марксистичко жариште во Битола

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема