X
 21.12.2020 Образование

Калина Стефанова е трета година на факултет во Манчестер, а веќе доби понуда за работа во „Морган Стенли“

Нејзина слика со име и презиме пред неколку месеци беше објавена на билбордот на познатата светска компанија „Морган Стенли“ на најголемиот плоштад во Њујорк, Тајмс сквер, каде што била избрана да работи како практикант. Успехот да биде дел од таква престижна компанија ѝ бил овозможен преку Факултетот во Mанчестер, но токму мотивацијата и амбицијата да успее ѝ донеле вработување кое ја очекува следната година во „Морган Стенли“

Калина Стефанова е 20-годишна скопјанка која последните три години студира на Факултетот за компјутерски науки на Универзитетот во Манчестер, Англија. И можеби оваа приказна би била слична како и на многу студенти што учат надвор од земјата доколку нејзина слика со нејзиното име и презиме пред неколку месеци не беше објавена на билбордот на познатата светска компанија „Морган Стенли“, на најголемиот плоштад во Њујорк, Тајмс сквер, каде што била избрана да работи како практикант




Успехот да биде дел од таква престижна компанија ѝ бил овозможен преку Факултетот во Mанчестер, но токму мотивацијата и амбицијата да успее ѝ донеле вработување кое ја очекува веќе следната година во „Морган Стенли“.

Оваа скромна млада девојка вели дека ниту на сон не сонувала да ѝ се случи вакво нешто.

- Уште од основно образование имам желба да се докажувам, најмногу себеси. Тоа ми овозможи како средношколка да излезам од Македонија и да ја претставувам на меѓународни натпревари, настани и летни школи. Имав можност од прва рака да согледам колку всушност се инвестира во образованието во странство, па оттогаш студиите во врвен универзитет ми станаа нова желба и предизвик. Иако ваквата одлука ја донесов на многу рана возраст, моите родители ми даваа и сè уште ми даваат безрезервна поддршка.



Своето средно образование го завршила како стипендист на колеџот „Јахја Кемал“ во Скопје.
Вели дека токму таквото школување ѝ овозможило да има флексибилен пристап кон изучувањето на математиката и информатиката, предмети за кои имала желба континуирано да се надградува и натпреварува. Желбата да го продолжи образованието во полето на компјутерските науки била првенствено зашто уживала во решавањето математички задачи, чија логика и примена ја увидела токму во оваа област.

- Не е тајна дека информатичките науки се доста популарен избор на многу студенти, со оглед на тоа што професиите кои подоцна се нудат се во постојан раст. Не би кажала дека специјализирам во одредена област на компјутерските науки, но со сигурност сум допрела многу области, како алгоритми, податочни структури, архитектура на компјутерот, машинско учење, вештачка интелигенција, обработка на природни јазици, графика, мобилни системи, дистрибутивни системи, софтверско инженерство, сајбер-безбедност, криптографија и други. По завршувањето на студиите би била дипломец на компјутерски науки, а со таа диплома би можела да се вработам онаму каде што е потребно знаење за создавање и одржување на технологија. Во последно време сѐ понасочена сум кон банкарската технологија, па во иднина планирам да запишам магистерски студии во тој домен - објаснува Калина.



Светските универзитети нудат шанси


Конкурирала и била примена на повеќе универзитети во светот, но одлучила да студира во Европа за да биде поблиску до своето семејство. Затоа и нејзиниот избор паднал на Универзитетот во Манчестер, кој моментално се наоѓа на 36-тото место според академското рангирање на светските универзитети, познато како Шангајска листа.

- Причини за тоа има многу. Факултетот за компјутерски науки на овој универзитет нуди интензивни студии, со голем простор за практично учење и интеракција со компании кои вложуваат во својата технологија. Така, уште во првата недела од својот престој во Манчестер имав можност да зборувам со претставници на Гугл, Амазон, Линкдин, Ај-ер-ем, како и претставници од светски банки како „Морган Стенли“, Џ. П. Морган, Американ експрес и други - објаснува Калина.

Според неа, интересно е тоа што онаа пријателска и интелектуална атмосфера, која била присутна во „Јахја Кемал“, успеала да ја пронајде и препознае и на факултетот во Манчестер.

- Студентите се многу активни, а комуникацијата со професорите е слободна и опуштена. Поголемиот дел од времето го поминуваме во лабораториите или во просториите за заедничко учење, каде што работиме на индивидуални или групни проекти. Прилично неформалниот пристап на факултетот, како и можноста слободно да ги користиме технологиите кои ги поседува, создава поле за континуирани дискусии и развој. Токму ова е клучно за успехот на еден студент на компјутерски науки зашто професијата најчесто бара тимски играчи, кои се желни постојано да се надградуваат и да се во чекор со најновите технолошки откритија - вели таа.
Сепак, посочува дека студиите не се лесни и бараат максимална посветеност и континуирана работа.
Успеала да склопи вистински пријателства со млади луѓе што доаѓаат од различни страни на светот, со кои преку меѓусебната поткрепа, заеднички се приспособиле на новата околина.
- Покрај англискиот менталитет и култура, научив многу и од пријателите од Бугарија, Литванија, Полска, Романија, Австрија, Унгарија, Ирска, Кина, Индија. Иако сум единствена Македонка на факултетот во мојата генерација, Манчестер е дом на сѐ повеќе македонски студенти, секоја година - додава Калина.

Од факултет директно на работа

Во првите месеци од студиите во Манчестер ѝ била доделена стипендијата „International Excellence Scholarship“, со која Универзитетот ги вреднувал сите нејзини дотогашни заложби за академска надградба и развој.

- Универзитетот годишно доделува девет вакви стипендии, а добитниците се по еден интернационален студент од деветте факултети за наука и инженерство. Јас бев добитник на стипендијата како претставник на Факултетот за компјутерски науки. Покрај оваа стипендија, Факултетот за компјутерски науки ми додели и награда по завршувањето на студиите во прва година - „Golden Anniversary Prize“. Наградата им се доделува на првите пет студенти рангирани според успехот постигнат во текот на академската година. Од скриени извори, имам информација дека сум била втора - вели Калина.



Најголем дел од студентите обезбедуваат пракса за време на студиите, посочува Калина, а потоа добиваат и понуда да продолжат со работа по завршувањето на студиите.
Тоа е така зашто Универзитетот во Манчестер е многу високо рангиран во Обединетото Кралство, според процентот на студенти што по завршувањето на своите студии веднаш се вработуваат или продолжуваат со понапредни студии.

- Причината за ваквиот успех е постојаната соработка помеѓу работодавците и универзитетот, како и поддршката од професорите во процесот на апликации за пракса, интервјуа и слично. Тоа беше случајот и со мене. Во втора година успеав да обезбедам летна пракса во одделот за развивање технологија при инвестициската банка „Морган Стенли“. Тоа е американска банка, со главно седиште во Њујорк и големи претставништва во Лондон, Будимпешта, Мумбај, Хонг Конг, Токио. Со оглед на тоа што „Морган Стенли“ е прилично компетитивна банка, процесот на апликации и интервјуа е прилично напорен и истоштувачки - објаснува Калина.

Но, поради моменталната пандемија на Ковид-19, не можела да ја одработи праксата во канцелариите во Лондон, па тоа го сторила од својата студентска соба во Манчестер. Посочува дека иако многу компании одлучиле да ги редуцираат или тотално да ги откажат праксите, „Морган Стенли“ организирал врвна виртуелна пракса.

- Од „Морган Стенли“ одлучија да го покажат своето уважување на напорите на практикантите преку јавно објавување на наши слики на своите дисплеи на Тајмс сквер во Њујорк. Интересно е што во 2017 година стоев на истото место во Њујорк, пред седиштето и билбордите на „Морган Стенли“. Не ни знаев која е таа банка, ниту, пак, дека по три години ќе бидам нејзин практикант. А дека мојата слика ќе биде објавена на Тајмс сквер, ниту на сон!
Така се здобив со неколку секунди слава и билборд на Тајмс сквер во време на пандемија - со возбуда зборува Калина.



Сепак, напливот од емоции, вели Калина, дошол кога нејзината мајка објавила слика од билбордот на социјалните мрежи, па таа бев преплавена со честитки и воодушевување.

- „Морган Стенли“ ми понуди да се вратам во банката и да почнам со работа во август 2021 година, по завршувањето на студиите. Се разбира дека прифатив - вели Калина.

Стекнатото искуство сака да го пренесе во Македонија

За Калина, Македонија е нејзиниот прв и омилен дом.
- Не само мој дом, туку и дом на моето семејство, на пријателите кои останаа таму и на оние што заминаа во странство. Иако сме далеку едни од други, сепак сме во постојан контакт. Го обожавам факторот на изненадување и знам да се вратам во Скопје без да ги информирам кога точно планирам да го сторам тоа - нагласува Калина.

Би се вратила во земјава, но тогаш кога ќе биде задоволна од она што го постигнала.
- Не верувам дека тоа би било во најблиската иднина, но верувам дека можам убаво да живеам и да бидам успешна во мојата идна струка и дома. Она што успевам да го направам надвор е плод на заложбите и на моите родители и професори во Македонија. Затоа е фер да се вратам и да ги пренесам моето знаење и искуството и да помогнам колку што можам повеќе - посочува таа.
Им порачува на младите да го прават она во кое вистински уживаат и секогаш да се натпреваруваат со себе. И најважно е да не се плашат од непознатото, да ги прифаќаат предизвиците, да се трудат и да се докажуваат зашто сега, според неа, е времето во кое најмалку се очекува од нив, а наученото има најголема вредност за понатаму.

Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование