X
 22.01.2019 Здравје

Зошто сме сѐ повеќе алергични на храна?

Веројатноста дека децата ќе развијат алергија на одредена храна е поголема од кога било - вели Александра Сантос од лондонскиот Кингс колеџ. Истрагата за неодамнешниот случај на двајца починати Британци по консумирање сусам и кикиритки укажува на можни трагични последици. Во август едно 6-годишно девојче во Западна Австралија починало поради алергија на млечни производи.

Сѐ поголемиот број алергии во последните децении особено е забележлив на Запад. Со алергии на храна се погодени 7 отсто од децата во Велика Британија и 9 отсто во Австралија. Низ Европа само 2 отсто од возрасните се алергични на некој вид храна. Опасни реакции за животот може да се случат само со внесување траги од одредена храна, па пациентите и нивните семејства се во постојан страв и анксиозност. Ограничувањата во исхраната што алергичните мора да ги следат се товар и во општествениот и во семејниот живот.

Иако засега не може да се тврди со сигурност што го предизвикува порастот на бројот на алергии, истражувачите вложуваат напори за да пронајдат начини за борба против овој феномен.

храна
Фото: 123rf


Што ја предизвикува алергијата?

Алергијата се јавува кога имунолошкиот систем се бори против алергените, некои супстанции од околината што во нормални услови треба да се сметаат за безопасни. Овие супстанции стануваат цел и предизвикуваат алергиски реакции. Симптомите можат да бидат црвенило, исип и оток, како и повраќање, дијареја, тешкотии при дишењето и анафилактички шок. Исхраната што најчесто предизвикува алергии кај децата вклучува млеко, јајца, кикиритки, ореви, сусам, риба и школки.

Кои се најчестите алергии на храна?

Појавата на алергијата на храна се зголеми во последните 30 години, особено во индустријализираните општества. Точната стапка на зголемување зависи од видот на храната и од поднебјето во кое живее пациентот. На пример, алергијата на кикиритки во Велика Британија се зголемила за пет пати од 1995 до 2016 година. Истражување од лондонскиот Кингс колеџ во кое учествувале 1.300 тригодишни деца покажало дека 2,5 отсто од нив имаат алергија на кикиритки. Австралија ја има најголемата стапка на потврдени случаи на алергии на храна.

Едно истражување покажало дека 9 отсто од едногодишните деца во Австралија се алергични на јајца, додека 3 отсто се алергични на кикиритки.

Ширењето на алергијата не може да се објасни со зголемената свест и познавањето за алергиите или подобрите дијагностички методи. Се верува дека алергиите и зголемената сензитивност кон храната се поврзани со животната средина и западниот начин на живот. Земјите во развој имаат пониска стапка на алергија. Исто така, алергиите се почести во урбаните отколку во руралните средини. Клучни фактори можат да бидат загадувањето, промената во начинот на исхраната и пониската изложеност на микроорганизми, што ја променило реакцијата на имунолошкиот систем. Се чини дека и мигрантите покажуваат повисока наклонетост кон астма и алергии на храна отколку во своите матични земји, што дополнително ја нагласува важноста на животната средина.

Можни објаснувања

Не постои единствено објаснување зошто луѓето се сѐ повеќе алергични на храна, но науката има некои теории. Една од нив е сѐ подобрата хигиена, поради која децата повеќе немаат толку инфекции како претходно. Паразитските инфекции го напаѓаат човечкиот организам со ист механизам како и алергиите. Со оглед на тоа што има сѐ помалку паразити, имунолошкиот систем се насочува кон супстанции што не се штетни.

Друга теорија се однесува на витаминот Д, кој му помага на имунолошкиот систем да развие здрава реакција, односно да избегне алергии. Повеќето глобални популации од различни причини, да речеме помалку сончева светлина, не добиваат доволно витамин Д. Дефицитот на витамин Д во САД се зголемил двојно во текот на последните 10 години.

Новата теорија за двојно изложување на алергени сугерира дека алергијата на храна се развива поради одреден баланс помеѓу терминот, дозата и начинот на изложеност. На пример, развојот на алергиски антитела може да почне низ кожата, особено кај децата што имаат егзема. Се верува дека консумирањето храна што иницира алергија во текот на одвикнувањето на бебето од доење може да доведе до здрава реакција и да го спречи развојот на алергии. Имено, цревниот имунолошки систем во тој период е подготвен да толерира бактерии и туѓи супстанции како храната.

Истражувањето од лондонскиот Кингс колеџ покажува дека алергиите од кикиритки кај петгодишни деца може да се намалат за 80 отсто ако редовно им се даваат од раѓање. Ова истражување поттикна промени во насоките за исхрана во САД за кикиритки кај деца до две години. Велика Британија им советува на родителите прво да се консултираат со лекар.

Човечки фактор

Неодамнешната смрт на двајцата тинејџери во Велика Британија поради алергија на храна укажува на човечки фактор и важност на јасно и прецизно обележување на производот. Не постои лек за алергија на храна, може само да се избегнува храната што предизвикува алергија. Но, понекогаш и поставувањето иницијална дијагноза може да биде предизвик. Главниот начин за дијагностицирање на алергијата е постепено земање поголема количина одредена храна под медицински надзор. Но, тоа може да биде непријатно за децата и носи ризик од алергиска реакција. Тестовите за реакција на имунолошкиот систем може да бидат лажно позитивни кај децата што не се алергични.

Кингс колеџ разви алтернативен метод, односно тест со крв што се покажува како сигурен во дијагностицирањето алергија на кикиритки. Овој тест може да се примени на 90 отсто од детските алергии на храна, а на пациентите ќе им биде достапен за неколку години.

Дури и во случај на успешна дијагноза, избегнувањето на проблематичната храна не е едноставно и случајните реакции се чести. Алергиската имунотерапија, препишување мали количини на храната, помагаат во редуцирањето на чувствителноста на пациентот и може да послужат како заштита од случајно изложување.

Додека истовремено се истражуваат и испитуваат и други третмани и начини на лекување, алергиите на храна остануваат извор на загриженост во секојдневниот живот на децата и на нивните родители.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје