X
 22.01.2020 Образование

СОНК: Скандалозна и противзаконска е иницијативата на ректорите за нов синдикат

Иницијативата на ректорите на универзитетите за формирање нов синдикат на вработените на универзитетите е скандалозна, оценуваат од Синдикатот за образование и наука. Таа е спротивна на Законот за работни односи, каде што не се дозволува мешање на работодавците во однос на организирање и дејствување на синдикатите, а скандалозна е и од аспект на меѓународните конвенции кои ги регулираат овие проблематики.


Јаким Неделков, претседател на СОНК

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на денешната прес-конференција истакна дека тезата за потребата од формирање ваков синдикат била наводно да може да се добие зголемување на платите во високото образование за 10 проценти, кое СОНК, вели тој, со макотрпни преговори го договори со МОН минатата годинa.
Тој го приложи и решението за репрезентативност на СОНК потпишано од поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска во јануари лани, кое им дава полно право да преговараат и да договараат политики за зголемување плати во високото образование.

Според него, можни се неколку опции зошто се прави ова - како оставање простор синдикатите да се занимаваат сами со себе одреден период за да помине време до распишување избори кога по основа на закон не ќе можат да потпишат колективен договор на ниво на дејност, со што државата не ќе може да го исплати договореното зголемување од 10 отсто на платите во високото образование.
Неделков ги повика ректорите да прекинат со процедурата за формирање синдикални организации при универзитетите.

- Со самото нивно мешање во организирање и формирање синдикати прават кривично дело за кое постои веројатност да одговараат – тие или овластени од нив – деканите или генералните секретари. Второ, би сакал да го повикам МОН веднаш да пристапи кон потпишување на колективниот договор за високо образование и наука на гранско ниво. Со тој колективен договор ќе се опфатат сите факултети на национално ниво. Доколку е пресложен овој процес и времето е прекратко, тогаш ги повикувам ректорите на универзитетите да го повикаат СОНК како единствен репрезентативен синдикат во дејноста образование, вклучително и високо образование, да потпишеме колективен договор на ниво на работодавец, на ниво на установа. На тој начин би се надминала состојбата што тие ја предвидуваат, дека доколку не се потпише колективен договор на ниво на работодавец, односно со ректорите, ќе нема зголемување од 10 отсто на платите - рече Неделков.



Тој изрази стравување од злоупотреба и манипулација на колегите вработени во високото образование да не го добијат тоа што е договорено. Побарале и очекуваат став од министерот за образование, кој во моментов е на службено патување надвор од земјата. Најавија и дека ќе се пожалат до меѓународните организации.

И Независниот академски синдикат (НАкС) вчера реагираше на барањето од ректорите на УКИМ и УКЛО да се формира синдикат на вработените во високото образование.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование