Трета година по ред Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат навремена набавка и испорака на учебници за сите ученици. Оваа година процесот е започнат уште порано во споредба со минатите две години.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, каде што заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Педагошката служба во МОН, Роберт Аџипетров, ги претставија новите печатени учебници и заедно со градоначалникот Дејан Митески извршија увид во реконструктивни активности на училишниот објект.
- Ценам дека конечно имаме стабилен систем за набавка и испорака на учебници и ова прашање кое го наследивме нерешено е веќе апсолвирано. Одзеде време, но моравме да го надминеме како и секој друг проблем што го затекнавме. Како Влада и министерство продолжуваме да се занимаваме со други аспекти на образованието во насока на подигнување на квалитетот на воспитно-образовниот процес - рече Јаневска.
Министерката посочи дека годинава беа организирани обуки за училишните служби за правилно пополнување на електронската апликација за порачување учебници и училиштата одлично го завршија својот дел.
Целосно нови комплети на учебници од прво до трето одделение во тираж од околу 250 илјади примероци беа набавени и испорачани уште во текот на месец април. При набавка на истите во период од две години заштедени се околу 45 милиони денари, како резултат на постигнати пониски цени при печатењето.
- Во следните неколку денови ќе започне и испораката на учебниците од четврто и погорните одделенија во основно и средно образование. Нарачките се направени, учебниците се печатат по сите предмети, вклучително и оние по сите странски јазици кои ги немаше години наназад, а од лани ги има. Исклучок ќе бидат учебниците за деветто одделение и за трета година средно бидејќи во овие одделенија согласно етапниот план за реформирање на образовниот систем, предвидено е следната година да се изработуваат нови наставни програми и аналогно на тоа и нови учебници - рече Јаневска.