X
 22.04.2021 Наука

Дали одрекувањето од патентот на вакцините против ковид-19 побрзо ќе ѝ стави крај на пандемијата?

Помина една година откако беше прогласена пандемија на ковид-19, а светските фармацевтски компании тргнаа во трка да најдат вакцина против овој вирус, па се појави полемика околу заштитата на нивната интелектуална сопственост. Бидејќи ова ја прави вакцината поскапа и може да го ограничи пристапот до неа, се зголемуваат повиците компаниите привремено да се откажат од тоа право.

Кога новинарите во 1955 година го прашале Јонас Салк, пронаоѓачот на вакцината против детската парализа, кој е сопственик на патентот на спасувачката вакцина, тој одговорил: - Би рекол народот. Нема патент. Кој може да го патентира Сонцето?

Иако историчарите велат дека подарокот на Салк за светот можеби не е толку алтруистички како што изгледа, бидејќи по тогашни критериуми тешко се исполнувале условите за патентирање, факт е дека американскиот вирусолог спаси милиони деца, делумно благодарение на недостигот на заштита на интелектуалната сопственост.

Денес, кога бројот на ковид-жртви достигна 3 милиони, прашањето за патентот за вакцината се претвори во една од најжестоките дебати на планетата. Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус, ги повика државите и фармацевтските компании да се откажат од заштитата на интелектуалната сопственост со цел целиот свет да се бори еднакво против вирусот.

- Повеќето вакцини досега беа применети во неколку богати земји, додека повеќето земји со низок и среден приход гледаат и чекаат - изјави тој во март. Според неодамнешниот извештај на АФП, 49 отсто од досега произведените дози на вакцини биле администрирани на Запад, каде што живее само 16 отсто од светската популација.

Според шефот на СЗО, проблемот е во тоа што светот нема да може да постигне доволно вакцинирање сè додека богатите земји ги чуваат под клуч своите дози, технолошкото знаење за производство на вакцини и правата на интелектуална сопственост.

Бесплатни вакцини за секого?

Јужна Африка и Индија беа првите земји што повикаа на одрекување од патентите за вакцини, а им се придружија уште осумдесет земји во развој и групи како што се „Лекари без граници“ и „Амнести интернешнл“. Земјите кои произведуваат вакцини, како што се Велика Британија, земјите на ЕУ, Швајцарија и САД, ги блокираат ваквите напори затоа што плаќањето за интелектуална сопственост овозможува истражување и иновации и штити од дупликати со слаб квалитет.

Д-р Ане Сенекиер, истражувач на Францускиот институт за меѓународни и стратешки прашања, смета дека одрекувањето од патенти несомнено би ја направило вакцината подостапна, но истовремено може да биде и ризична.

- Приватните лаборатории секогаш се финансираат подобро од државните - вели таа, додавајќи дека патентите им помагаат на компаниите да ги вратат своите инвестиции.

patent
Фото: Freepik

- Ако не можете да им гарантирате на лабораториите дека ќе им бидат вратени инвестициите во истражувањето, тие веројатно ќе престанат да инвестираат. На пример, огромното мнозинство на лекови што се развиваат на Запад денес се наменети за лекување на болести како дијабетес и висок крвен притисок. Така што, станува збор за лекови што можат да бидат претворени во пари - објаснува таа.

Иако би било тешко да се спротивставиме на ова под нормални околности, истражувачите на вакцини против ковид-19 добиле околу 10 милијарди долари од даночните обврзници, што значи дека вакцините веќе им припаѓаат на луѓето на многу начини.

Рецепт без упатство

Но, дури и ако некои компании изберат да не применуваат патенти на своите вакцини за време на пандемија, како што е „Модерна“, невозможно е да се репродуцира вакцината ако компаниите не го споделат и своето знаење.

- Фактот дека „Модерна“ нема да го искористи своето право на патент за време на акутната фаза на пандемијата нема да значи многу ако не го сподели своето знаење со другите за да можат да произведат вакцина - смета Оливие Вутерс, професор на Лондонската школа за јавно здравје. Тој тврди дека богатите земји кои финансирале развој на вакцини можеле да побараат и многу повеќе од компаниите со кои се договориле.

- Би имало многу поголема смисла ако тие речат: „Ќе помогнеме да го финансираме развојот и производството на вашата вакцина, но доколку работиме со колеги од Индија, Бразил и други производители од целиот свет - вели Вутерс.

Грахам Датфилд, професор на Универзитетот во Лидс и автор на книга за правата на интелектуална сопственост и трговија, се согласува со Ваутерс. Откажувањето од патенти без споделување знаење го споредува со рецепт без насоки.

- Она што навистина ни треба се регионални центри низ целиот свет, во Африка, Латинска Америка и Океанија, кои ќе произведуваат за глобални потреби - заклучува Датфилд.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука