X
 22.06.2025 Технологија

Дванаесет латиноамерикански земји лансираат голем јазичен модел: Што е Латам-ГПТ?

Дванаесет латиноамерикански земји планираат да го лансираат Латам-ГПТ во септември, првиот голем јазичен модел на вештачка интелигенција обучен да ги разбере различните култури и јазични нијанси на регионот.

Проектот со отворен код, управуван од Националниот центар за вештачка интелигенција (ЦЕНИА) на чилеанската влада, заедно со повеќе од 30 регионални институции, има цел значително да ги зголеми усвојувањето и пристапноста на вештачката интелигенција низ цела Латинска Америка.

Чилеанскиот министер за наука Ајсен Ечевери изјавил дека проектот „може да биде демократизирачки елемент за вештачката интелигенција“, со можни примени во училиштата и болниците, со модел што ја одразува локалната култура и јазик.

Развиен од почетокот на јануари 2023 година, Латам-ГПТ има цел да ги надмине неточностите и ограничувањата во перформансите на глобалните модели на вештачка интелигенција, обучени претежно на англиски јазик. Наменет е да биде клучна технологија за развој на апликации како што се чет-ботови, а не директен конкурент на потрошувачки производи како што е „Чет-ГПТ“.


Клучна цел е да се зачуваат домородните јазици. Веќе е развиен почетен преведувач за Рапа Нуи, мајчиниот јазик на Велигденскиот Остров. Се очекува проектот да се прошири на други домородни јазици за апликации како што се виртуелни асистенти во јавните служби и персонализирани образовни системи.

Моделот е базиран на технологијата „Лама 3“ и се обучува со помош на регионална мрежа од компјутери, вклучувајќи објекти на Универзитетот „Тарапака“ во Чиле и облак-системи. Поддржан е од регионалната банка за развој ЦАФ и „Амазон веб сервиси“.

Иако во моментов нема наменски буџет, шефот на ЦЕНИА, Алваро Сото, се надева дека демонстрацијата на можностите на системот ќе привлече повеќе средства.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија