X
 22.09.2018 Образование

Стотици Италијанци магистрирале во Мадрид, а едвај зборуваат шпански

Мадридски универзитет кој и порано беше обвинуван дека им подарувал дипломи на политичарите, сега е предмет на истрага поради сомнежи дека токму таму неколку стотици Италијанци, за кои е утврдено дека едвај зборуваат шпански, се стекнале со диплома за завршени магистерски студии. Така, судот во Мадрид испитува дали околу 500 државјани на Италија експресно брзо станале магистри на правниот факултет на државниот Универзитет „Крал Хуан Карлос“ во Мадрид.

Во скандалот наречен „Мастергејт“, универзитетот уште претходно се соочи со обвинувања дека им поклонувал дипломи на политичарите кои добивале добри оценки иако не се појавувале на предавањата. Обвиненијата во април доведоа до оставка на Кристина Кифуентес, поранешната началничка на автономната заедница Мадрид, а овој месец функцијата на напушти и поранешната министерка за здравство, Кармен Монтон.

Мета на критики стана и лидерот на конзервативната Народна партија - Пабло Касадо, кој исто така станал магистер на сега веќе затворениот Институт за јавно право на универзитетот.

Според портпарол на шпанскиот суд, истрагата е во многу рана фаза. Тој објасни дека италијанските државјани оделе во Мадрид за да со мастер дипломата ги заверат основните студии кои ги завршувале во Италија, а потоа се запишувале во Адвокатската комора во Мадрид и во други шпански градови, што им овозможувало да се занимаваат со право во цела Европска унија.

Тоа на идните адвокати им овозможувало да ги избегнат големите трошоци кои би ги имале за завршување на тој степен од студиите во Италија, каде мастер студиите се предуслов за да може едно лице да се занимава со право.

Повикувајќи се на извори блиски до истрагата, медиумите наведоа дека италијанските државјани патувале во експресни посети на Мадрид, каде ги положиле испитите со многу скромно познавање на шпанскиот јазик.

Адвокатската комора на Мадрид отфрли каква било одговорност за случајот и истата ја префрли на универзитетот и на владата.

По избивањето на скандалот „Мастергејт“ универзитетот го затвори својот Институт за јавно право и поднесе жалба за наводна злоупотреба на средства, со која е опфатен и поранешниот директор на институтот, Енрике Алварес Конде.

Медиумите пренесоа дека Алварес и неговиот заменик на институтот во периодот од 2012 година и мај 2018 година наводно примиле необјасниви трансфери на пари. Станува збор за околу 200.000 евра.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование