X
 22.09.2019 Наука

Од 1970 година досега Северна Америка изгубила три милијарди птици

Поради губење на живеалиштата на птиците, пестицидите и други работи, изворите во Северна Америка се потивки од кога било.

Можеби нема да забележите додека пешачите низ шумата или шетате низ градскиот парк, но според едно истражување, популацијата на птици низ Северна Америка е во состојба на тивок пад.

Всушност, во споредба со броењето на птиците од 1970 година, научниците сега проценуваат дека САД и Канада, каде што живеат 760 вида птици, изгубиле околу 3 милијарди птици.

Истражувањето објавено неодамна анализирало комбинација на долгорочни истражувања на популацијата, како и податоци за временските услови. Севкупно, истражувачите откриле дека најмногу биле погодени птиците што живееле на пасиштата, вклучувајќи и семејства како врапчиња, црни птици, зебе-птици. Нивната популација се намалила за 53 отсто во последните години.

ptici
Фото: Matthew Pendleton

Со оглед на тоа што три четвртини од сите видови пасишта се соочуваат со пад, се чини дека овие биоми, во кои се вклучени и полињата на земјоделците, се особено ранливи на загуби на живеалиштата и изложеност на токсични пестициди. Но, опаѓањето на бројот на птици може да е поврзано и со опаѓањето на популацијата на инсектите - кои се важен плен за птиците.

- Овие вести се погубни - вели авторот на истражувањето, Питер Мара, директор на иницијативата за животна средина од Универзитетот во Џорџтаун.

Тоа е така затоа што птиците се клучни за здравото функционирање на екосистемите. Не само што тие помагаат при контролата на штетниците и на другите инсекти, туку исто така играат клучна улога во дистрибуирањето семе, разместувањето мрша, па дури и опрашувањето на растенијата.

Што ги убива птиците?

За истражувањето, Мара и колегите анализирале опсежни процени на популацијата на 529 вида птици, од кои некои обезбедиле податоци од половина век. Исто така, тие вклучиле процени на биомаса од радарот за временските услови, што всушност може да детектира птици додека тие навечер летаат за да ги завршат нивните двегодишни миграции. Ова му помогна на тимот да пресмета како се менувале популациите во области каде што набљудувањето на теренот е поретко.

Штом биле додадени сите измени, било пресметано дека биле изгубени 2,9 милијарди птици од 1970 година - вкупно намалување од 29 отсто.

Распространетата употреба на пестициди не само што им наштетува на популациите на инсекти туку и на самите птици. Едно неодамнешно истражување откри дека кога птиците јадат семиња третирани со одредени пестициди, тие губат од телесната тежина, што, пак, ја спречува нивната можност за миграција. Други причини вклучуваат удар во стаклени прозорци, што може да убие околу 600 милиони птици секоја година, како и домашните мачки, за кои се проценува дека ловат од една до четири милијарди птици секоја година.

Не е доцна

Лукас Дегроте е координатор за истражување на птици во Музејот за природна историја во Карнеги, кој управува со една од најстарите станици за набљудување на птици во Северна Америка. Тој вели дека новото истражување за него не е изненадување.

- Тука имаме птици од 1961 година, а во период од речиси 60 години фаќаме помалку птици, но променет е и составот на видовите. Одлично е да се види дека некој направил анализа на ова - вели тој.

И покрај големината на наодите, експертите веруваат дека сè уште има време за промена на трендот. На пример, луѓето можат да ги чуваат мачките внатре, да засадуваат растенија од тоа подрачје и да ги минимизираат влијанијата што ги имаат прозорците.

- Постои изрека: „Најдобриот период за садење дрво беше пред 20 години. Следниот најдобар период за садење дрво е сега - вели Дегроте.

Со други зборови, изборот што го правиме сега ќе утврди што ќе се случи следно.

- Мислам дека е потребно ниво на оптимизам за зачувување на птиците - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука