Од пеперутки до скакулци, инсектите што го движат нашиот свет се наоѓаат во сериозна опасност. Ново истражување открива дека нивниот број опаѓа не само во подрачјата што се под директно влијание на човекот, туку и во оддалечени, недопрени делови од природата.
Исчезнувањето на инсектите во клучни региони во светот досега главно се припишуваше на уништување на живеалишта и на локални климатски промени. Сепак, сега е јасно дека негативните влијанија се протегаат многу подалеку од нашата непосредна сфера на дејствување.
Во област која е релативно недопрена од човековата активност, биологот Кит Сокман од Универзитетот во Северна Каролина забележал драматичен пад од дури 70 отсто на бројот на инсекти во само две децении. Сокман ја следел густината на инсектите во текот на летата меѓу 2004 и 2024 година на една заборавена ливада во Колорадо. Неговото истражување покажало дека потоплите лета се директно поврзани со помал број инсекти следната година.
- Местото е прилично оддалечено и недопрено, а сепак бележиме ваков значителен пад на бројот на инсекти. Климатските промени се единствено објаснување - вели Сокман.
Наодите на Сокман не се единствени. Многу истражувања потврдуваат дека климатските промени ги погодуваат инсектите во светот. Популациите на пеперутки, бубачки и други тропски видови се уништени поради промените во циклусот на Ел Нињо, а дури и мушичките се чувствителни на брзи промени во условите на планетата. Иако постојат расправи околу точниот обем на намалување на бројот на инсекти, тие најчесто произлегуваат од недостиг на податоци и од сложеноста на проблемот.
Со повеќе од пет милиони видови инсекти, неизбежно е некои да профитираат од промените што им штетат на другите. Сепак, тие „победници“ веројатно нема да можат да ги преземат еколошките улоги на „губитниците“, што ќе доведе до дополнителни нарушувања во чувствителните мрежи што ја одржуваат стабилноста на нашите екосистеми.
Домино-ефект врз целиот екосистем
- Може да биде тешко да се проценат историските промени во популациите на инсекти затоа што, со ретки исклучоци, ние не сме ги следеле директно популациите низ времето. Применивме нов пристап анализирајќи геноми на многу видови од музејски примероци. Геномите содржат докази за раст или за намалување на популациите, што ни овозможува реконструкција на промените. Откривме дека 79 отсто од автохтоните видови мравки на Фиџи доживеале пад на популацијата, додека бројот на внесени видови експоненцијално се зголемува - објаснува еволутивниот биолог Еван Економо.
Домино-ефектот на овие промени е видлив и во податоците за намалување на бројот на птици, гуштери и жаби, чие преживување зависи од инсектите.
Ентомолозите истакнуваат дека денес постојат стотици научни истражувања кои потврдуваат траен пад на популациите на инсекти на глобално ниво.
- Во тек е криза на биодиверзитетот кај инсектите - вели екологот Ману Сондерс.
Истражувањето на Сокман само потврдува дека оваа криза се случува дури и во најоддалечените региони на планетата.
- Без инсекти, сè умира: сите цицачи, сите влекачи, сите птици, па дури и луѓето. Ако сакаме да ги сочуваме, мора да ги зачуваме инсектите - изјави зоологот Џесика Вејр.
Фото: Freepik