X
 22.09.2025 Живот

Работодавците смеат да одбијат кандидати што навиваат за ривалски фудбалски клуб, вели британски судија

Одржувањето на хармонијата во канцеларијата е валиден фактор во одлучувањето за вработувањето, пресуди трибунал во Лондон.

Понекогаш несогласувањата околу фудбалот на работното место ја преминуваат границата од забава до непристојност или навредување. Британски судија за трудови спорови пресуди дека луѓето законски може да бидат одбиени за работа ако навиваат за ривалски клуб на оној што го поддржуваат вработените.

Работодавците имаат право да ги засноваат одлуките за вработување на тоа дали потенцијалниот колега би можел да ја наруши хармонијата во канцеларијата со тоа што не го поддржува истиот клуб, рече судијата Даниел Рајт.

Тој пресуди дека шефот не би го прекршил законот за вработување ако, на пример, одбие да вработи страстен навивач на Тотенхем бидејќи канцеларијата е полна со навивачи на Арсенал.

Овие коментари се изнесени во случај на жена која покренала правна постапка откако изгубила шанса за работа во маркетинг-агенција бидејќи не „кликнала“ со лицето што ја интервјуирало. Маја Калина тврдела дека е дискриминирана бидејќи не е екстровертна и не сака да оди во паб.

Рајт ги отфрлил нејзините тврдења наведувајќи дека работодавците имаат право да размислат дали потенцијалниот работник добро ќе се сложува со веќе вработените.

- Може да постојат ситуации во кои е сосема законски работодавецот да одлучи дека некој едноставно нема да се вклопи во тимот и дека би било тешко да работат заедно. Пример може да биде мала компанија во која сите се страсни навивачи на Арсенал и се одлучува да се вработи навивач на Арсенал наместо друго квалификувано лице кое има сезонска карта за Тотенхем бидејќи не сакаат да ја нарушат хармонијата во канцеларијата. Таа одлука би била законска, иако, доведена до крајност, би можела да е лоша за бизнисот - објасни во пресудата судијата Рајт.

Извор: Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот