Додека луѓето се плашат дека вештачката интелигенција и технологијата ќе им ги одземат работните места, на некои пазари и на одредени работни места постои сериозен проблем со недостиг на работна сила. Таков е случајот во Јапонија, каде што во најголемата продавница за мешана стока започнале пилот-проект за вработување роботи.
Во продавница „7-илевен“ во Токио ќе се тестираат автономни роботи кои ќе ги мијат прозорците и ќе ги средуваат производите на рафтовите. Луѓето на касите веќе се заменети со роботи - на излезот од продавницата има самоуслужни каси преку кои купувачите можат сами да ја платат купената стока. На почетокот од годинава „7-илевен“ започнал да тестира достава во Токио со роботи на четири тркала.
Хироки Такеи, кој ја води операцијата на оваа продавница во Токио, за медиумите изјавил дека нивната цел е зголемување на продуктивноста и создавање средина во која сами ќе можат да поставуваат предизвици за креирање нов асортиман на производи и услуги. Што се однесува до иднината, нивната цел е целосна роботизација на продавниците. Сепак, прво ќе почекаат да заврши тестирањето, кое ќе биде во февруари следната година, и потоа ќе донесат конечна одлука за потенцијална понатамошна имплементација на роботите.
Со оглед на тоа што околу третина од населението е постаро од 65 години, а работоспособното население е во опаѓање уште од 90-тите години, јасно е дека Јапонија мора да размислува како да ја надомести таа работна сила.
Според некои процени, до крајот на оваа деценија во Јапонија ќе недостигаат 3,4 милиони работници, а таа бројка до 2040 година може да се зголеми на 11 милиони.
Значи, одговорот е во технологијата и роботите. Според податоците од минатата година на Меѓународната федерација за роботика, оваа земја моментално е петта во светот по густина на роботи во производствената индустрија, со 419 единици на 10.000 вработени.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Screenshot/YouTube