Европската комисија ги ублажи плановите до 2035 година да ја забрани продажбата на нови возила на бензин и дизел. Според важечките правила, сите нови автомобили што би се продавале од таа година би морало да се без емисии, но производителите на автомобили, особено во Германија, силно лобираа за отстапки.
Според новиот предлог на Европската комисија, од 2035 година 90 отсто од новите автомобили би морале да се без емисии, наместо досегашните 100 отсто.
Како што наведуваат од Европското здружение на производители на автомобили (АЦЕА), побарувачката на пазарот за електрични возила моментално е прениска, а без измени на правилата, производителите би се соочиле со казни кои би се мереле во милијарди евра.
Преостанатите 10 проценти би можеле да ги составуваат класичните автомобили на бензин или дизел, како и хибридните возила. Од производителите ќе се очекува во возилата да користат челик со низок јаглероден отпечаток, произведен во ЕУ.
Комисијата исто така смета на зголемена употреба на биогорива и таканаречени е-горива, кои се добиваат со синтеза од фатен јаглерод диоксид, за да се надополнат емисиите што ги создаваат возилата на бензин и дизел.
Противниците на одлуката предупредуваат дека таа може да го поткопа преминот кон електрични возила и да ја остави ЕУ ранлива пред странската конкуренција.
Од Зелената транспортна организација Т&Е предупредија дека Обединетото Кралство не би требало да го следи примерот на ЕУ и да ги ослаби сопствените планови за постепено укинување на продажбата на класични автомобили во рамките на мандатот за возила со нулта емисија.
Генералната директорка на АЦЕА, Сигрид де Врис, изјави дека на производителите итно им е потребна флексибилност.
-2030 година е практично пред порти, а побарувачката на пазарот е преслаба за да се избегне ризик од казни вредни повеќе милијарди евра за производителите. Ќе биде потребно време за да се изгради мрежа на полначи и да се воведат фискални олеснувања и поттикнувања за купување за да се придвижи пазарот. Луѓето што носат одлуки мора да обезбедат простор за оддишка за производителите за да се зачуваат работните места, иновациите и инвестициите - истакна таа.
Компаниите низ светот ги менуваат производните линии и вложуваат милијарди, додека владите се обидуваат да ги убедат граѓаните да возат еколошки поприфатливи возила за да се исполнат целите за заштита на животната средина. Од „Волво“ истакнаа дека за помалку од десет години изградиле комплетно портфолио на електрични возила и дека се подготвени целосно да преминат на електричен погон, користејќи ги хибридите како премин. Од компанијата сметаат дека ако тие можат да се откажат од возилата на бензин и дизел, би требало да можат и другите производители.
- Слабеењето на долгорочните обврски заради краткорочни добивки носи ризик од нарушување на конкурентноста на Европа - велат оттаму.
Од друга страна, од германски „Фолксваген“ го поздравија нацрт-предлогот на ЕК оценувајќи го како економски разумен.
-Фактот дека малите електрични возила во иднина ќе добиваат посебна поддршка е многу позитивен. Исклучително е важно целите за јаглерод диоксид до 2030 да бидат пофлексибилни за патничките возила и да се приспособат за полесните комерцијални возила. Отворањето на пазарот за возила со мотори со внатрешно согорување со компензација на емисиите е прагматично решение во согласност со условите на пазарот - стои во соопштението.
Извор:
Euronews
Фото: Freepik