X
 23.01.2025 Здравје

Уживате во „вејпање“? Новите американски истражувања нема да ви се допаднат

Иако многумина сметаат дека таканареченото „вејпање“ е побезбедна алтернатива од пушењето, експертите предупредуваат на сериозни долгорочни несакани ефекти, вклучувајќи го и проблемот познат како „вејп јазик“. Овој феномен може значително да влијае врз здравјето и начинот на кој пушачите ги доживауваат вкусовите. Здравствените експерти веќе долго време укажуваат на многу недостатоци и издадоа предупредувања до сите што размислуваат да се префрлат на ваквиот начин на пушење.

„Вејп јазик“ – привремено губење на вкусот


Овој начин на пушење може да предизвика привремено губење или намалена способност за чувство на вкус, што е познато како „вејп јазик“. Луѓето што „вејпаат“ повремено или редовно може да забележат дека нивната способност за вкус се менува. Покрај тоа, фактори како што се дехидратација, историјата на пушење и прекумерна изложеност на одредени вкусови, исто така, можат да играат важна улога во развојот на овој проблем.

Последици на јазикот - „изгореници на ткивото“

Фармацевтот Том Виола и д-р Памела Мараљано-Муниц истакнуваат дека ваквите цигари создаваат високи температури, често помеѓу 120 °C и 150 °C. Ваквите температури може да предизвикаат „изгореници на ткивото“ на јазикот, особено во областите каде што се наоѓаат пупките за вкус. Виола објаснува дека „вејп маглата“ или аеросолот не се лади доволно брзо пред да стигне до мукозните мембрани во устата, што може да предизвика оштетување на јазикот. Температурата која сè уште останува висока кога аеросолот ќе стигне до задниот дел на јазикот може да предизвика луѓето да го изгубат чувството за вкус или да доживеат големи промени.

Ксеростомија - сува уста


Освен што го иритира ткивото на јазикот, „вејпањето“ може да доведе и до состојба позната како ксеростомија или сува уста. Оваа состојба го спречува правилното ширење на плунката и честичките од храната околу пупките за вкус. Иако сѐ поголем број медицински експерти предупредуваат за негативните ефекти од ваквиот начин на пушење, сè уште нема доволно научни истражувања за детално да се објаснат сите механизми кои предизвикуваат „вејп јазик“. Бенџамин Чафи, професор на Стоматолошката школа при Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, забележува дека во моментов не постојат сигурни докази што укажуваат на зачестеноста на оваа состојба или нејзините специфични причини.

- Ова е причина за понатамошни истражувања и за внимателен пристап кон овие производи - заклучува тој.

Извор: net.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје