X
 23.04.2020 Образование

Коронавирусот и неговото влијание врз образовните системи низ Европа

Многу ученици и студенти низ светот се принудени привремено да престанат да посетуваат часови и предавања во училниците и предавалните. Наместо тоа, училиштата и универзитетите почнаа да нудат онлајн-настава додека трае пандемијата.



Фото: Pixabay

Европската комисија објави извештај за влијанието на коронавирусот врз образованието во Европа. Така, може да се види дека во значаен дел земји, меѓу кои и Норвешка, Шведска, Исланд, Данска, Унгарија и Чешка, градинките се отворени во моментов.

Во делови од Исланд и Шведска се отворени и основните училишта. Основните училишта треба да се отворат на крајот од април во Норвешка, Полска, Литванија и во Швајцарија.

Кога станува збор за високообразовните институции во Европа, тие се отворени само во Германија. Сепак, овие институции, иако почнаа да функционираат од 20 април, треба да следат одредени правила за социјално дистанцирање и хигиена. Освен тоа, сите факултети немаат право да бидат отворени.


Фото: Затворање на високообразовни институции во Европа поради Ковид-19/Eurydice

Факултетите ќе останат затворени до крајот на април во Норвешка, Полска, Литванија и во Швајцарија. Факултетите во Норвешка се отвораат на 27 април за студентите што се при крај со студиите и кои мора да користат опрема од факултетите.

Исланд, Италија, Турција, Белгија и Холандија ги затворија универзитетите до почеток на мај, а Данска, Финска, Летонија, Естонија, Бугарија, Романија и Грција планираат факултетите да останат затворени до средина на мај.


Фото: Pixabay

Според плановите, Лихтенштајн ќе остане со затворени факултети до крајот на мај, а Австрија не планира да ги отвори до крајот на учебната година. Сите други земји во Европа, меѓу кои и Македонија, Шпанија, Франција, Велика Британија и Шведска, ги затворија факултетите без притоа да посочат одреден датум за повторно отворање.

Извор: eacea.ec.europa.eu 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование