X
 23.04.2020 Економија

Вештините што ќе се бараат по економската криза предизвикана од пандемијата

Голем број луѓе останаа без работа, а уште многу може да останат поради пандемијата на коронавирусот. Кризата влијае и врз работата на хонорарците, кои најчесто зависат од работните ангажмани што ги завршуваат преку интернет.

Но, пандемијата ќе предизвика промени кои ќе бараат нови вештини од хонорарците во блиска иднина. Директорите на платформите за работа го споделуваат своето мислење за вештините и знаењата што ќе бидат најбарани по економската криза.

Чандрика Пасрича, извршен директор на „Флексинг ит“, вели дека се забележува пораст на побарувачката на стратегиски консултанти кои им помагаат на компаниите да ги адаптираат плановите за работа. Се бараат и дигитални вештини, финансиска експертиза и талент за човечки ресурси.


Фото: Pixabay

Флорент Огутчоро, извршен директор на „Д тек гајс“, посочува кон вештините од областа на информациските технологии и развивање софтвер. Себ Роберт, извршен директор на „Гопхр“, вели дека побарувачката за достава на храна и други производи отвора можности за куририте и доставувачите.

Според Крис Кин, извршен директор на „Гигстер“, хонорарците треба да покажат способност за ефикасна работа во домашни услови бидејќи пандемијата го покажа значењето на ефикасноста во работата во нетрадиционални услови.

Мајк Морис, извршен директор на „Топкодер“, открива дека е зголемена побарувачката за инженери и развивачи на софтвер. Ашмита Дас, извршен директор на „Колабтри“, очекува зголемена побарувачка на добри научници, особено епидемиолози и виролози. 


Фото: Pixabay

Според Матиас Линеман, извршен директор на „Вокрсам“, кризата ја покажа зависноста на компаниите од дигитални решенија. Соодветно, ќе бидат потребни експерти во областа на информациските технологии, како и проектни менаџери кои имаат познавања од вештачка интелигенција, машинско учење и обработка на податоци.

Сриватсан Падманабан од „Гоу флоутерс“ вели дека развивањето софтвер, дизајнот и пишувањето ќе се бараат по пандемијата.

Нитин Кунимал, извршен директор на „Авну“, очекува зголемена побарувачка на технолошки вештини кои се поврзани со автономно складирање, достава со дрон, роботика и 3Д-печатење. Компаниите ќе имаат потреба и од експерти во областа на безбедноста и приватноста на интернет, како и бази на податоци.

Автор: Џон Јангер
Извор: forbes.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија