X
 23.05.2018 Живот

Слободното време е свето - можат да го тужат шефот ако им се јави по работното време

Старата изрека вели дека времето е пари, но многу луѓе вистинската смисла ја сфаќаат тогаш кога се преоптоварени со работа и надвор од канцеларијата. Французите веќе една година имаат закон што го штити нивното слободно време - Закон за исклучување од службената кореспонденција. Службени повици, пораки и е-пораки не се дозволени надвор од работното време. Ако шефовите досадуваат, вработените од јануари 2017 година можат да ги тужат.

За Французите, слободното време е свето. За нив нема работа што не може да го почека крајот на паузата. Лежење во паркот или ручек во ресторанот е традиционален рецепт за одмор.

Ако сте турист во Париз, брзо ќе научите дека овој град има свои правила. Едно од нив е дека на пладне или кога има пауза за ручек, односно по работното време, нема да најдете слободна клупа, а камоли маса во ресторан или кафуле. Другото важно правило е дека во слободното време нема разговор за работата, ниту пораки, повици и е-пошта од шефовите.

Местото на работата ѝ е исклучиво во канцеларијата, велат Французите. Не е ретко ни да се налутат или навредат ако некој ги преоптоварува со „канцелариски проблеми“ надвор од работното време.

Законот е јасен - надвор од канцеларијата вработените не мора да читаат или да одговараат на службените повици. Ако надредениот ги казни поради тоа, случајот може да заврши на суд.

- Се гледа дека бизнис-сферата преминува малку и во приватниот живот. Но и тука, како и во другите земји, зависи од нивото и функцијата. Колку е повисока позицијата, толку е поголема одговорноста, што значи дека ќе морате да одговорите на повици и е-пораки и надвор од работното време, некогаш и во викенд или додека сте на одмор. Но што се однесува до работните места каде што нема голема одговорност, добро се знае кога завршува работното време - наведува Оливија Андро од Здружението на потрошувачите.

Законот за дисконекција или право на исклучување е во сила повеќе од една година. Култот на слободното време се спротистави на културата за прекумерна работа.

- Ја забележувам разликата во однос на периодот кога почнав да работам. Тогаш имав пошта што ме чекаше исклучиво в канцеларија. Вообичаено пристигнуваат пет писма на ден, само таму ги читав и одговарав. А потоа се појави е-поштата, СМС-пораките и мобилните, па имаме пристап до работата од секаде - вели Французинот Андро и додава дека и самата работа стана посложена, па сите имаат повеќе овластувања и обврски.

Францускиот синдикат одамна се избори за работна недела од 35 часа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот