X
 23.05.2019 Живот

Ако го работите она што го сакате, нема да работите ни еден ден во животот. Тоа е тотална глупост

Пронајди го она што го сакаш. Работи го она што го сакаш. Тогаш работата нема да биде работа. Тоа според директорот на „Епл“, Тим Кук, е глупост.

- Постои изрека дека ако го работите она што го сакате, нема да работите ни еден ден во животот. Во „Епл“ научив дека тоа е тотална глупост. Всушност, кога ќе ја најдете работата за која имате страст, ќе работите напорно, но нема да ви пречи што работите. Ќе работите повеќе отколку што сте мислеле дека некогаш е можно, но алатката во вашите раце ќе биде лесна - истакна Кук во својот говор на Универзитетот „Тулејн“ во Њу Орлеанс.

Тој станал дел од „Епл“ на повик на култниот претприемач Стив Џобс. Тогаш Кук во работата бил инспириран од целта на производот.

- Стив Џобс во 1998 година ме убеди да ја оставам зад себе „Компак“ и да ѝ се приклучам на компанијата која тогаш беше на раб на банкрот. Правеа компјутери, но барем во тој момент луѓето не беа заинтересирани да ги купат. Стив имаше план како да го промени тоа и јас сакав да бидам дел од него. Не стануваше збор само за ајмек или ајпод или сè што следуваше, туку за вредностите кои доведоа до тие изуми. За идејата дека ставањето силни алатки во рацете на луѓето помага да се ослободи креативноста и да се придвижи човештвото нанапред - рече тој.

И иако Кук можеби ја сака работата што ја работи, тој секако работи многу напорно. Секој ден станува пред четири часот наутро.

- Сакам во првиот час пред будењето да минувам низ коментарите на корисниците и слични нешта кои се фокусирани на луѓето однадвор, кои ни се многу важни. Потоа одам во фитнес-сала и вежбам еден час бидејќи така го држам стресот под контрола - рече Кук.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот