X
 23.07.2020 Живот

„Епл“ го претстави 10-годишниот план: До 2030 година планира да стане 100 отсто еколошки чиста компанија

„Епл“ најави дека до 2030 година ќе стане јаглерод-неутрална компанија, односно дека нејзиното влијание врз животната средина ќе биде нула.

„Епл“ веќе е јаглерод-неутрална во своите корпоративни операции, но постојано се критикува поради влијанието на нејзините уреди и други производи врз околината. Како дел од новата стратегија, „Епл“ ќе се погрижи нејзините нови производи да бидат јаглерод-неутрални во текот на целиот животен век, што значи дека сите - од добавувачи до луѓе што ги купуваат уредите - ќе бидат дел од планот.

Планот вели дека „Епл“ ќе го земе предвид и влијанието врз животната средина од енергијата што ја користат добавувачите за создавање материјали за нејзините производи, како и енергијата што се користи за нивно полнење. Така, компанијата планира прво да ја намали емисијата на јаглероден диоксид за 75 отсто додека истовремено ќе работи на решенија за отстранување и на преостанатите 25 отсто. Тоа ќе биде направено преку неколку нови проекти, од користење нови процеси во градењето на своите производи до создавање роботи кои ќе ги уништуваат на крајот од нивниот животен век.

Лиза Џексон, шефица на одделот за животна средина на „Епл“, објаснува дека „Епл“ го објави својот план и целосно се посветува за на светот да му ја покаже неопходноста од нова иднина.

- Нашата желба беше да објавиме и да им покажеме на корисниците дека тоа навистина сериозно го мислиме и работиме за да го решиме - вели Џексон.

„Епл“ вели дека ќе инвестира во „Забрзувач на влијанието“ што ќе инвестира во бизниси во сопственост на малцинствата, како дел од неодамна објавената иницијатива за расна еднаквост и правда.

apple
Фото: Instagram

Голем дел од потребните измени за спроведување на овој 10-годишен план веќе се спроведени и вклучуваат употреба на рециклирани и материјали со ниска емисија на јаглероден диоксид.

Со цел „Епл“ да стане јаглерод-неутрална компанија, ќе мора да ја подигне свеста кај своите клиенти за проблемот што се обидува да го реши и да влијае врз промената на нивното однесување. Во овој поглед, „Епл“ планира да ги советува корисниците дека е подобро да ги полнат епл-уредите користејќи обновлива енергија, како и да се ослободат од постарите производи на одржливи начини. Компанијата веќе покрена неколку иницијативи, но од  корисниците ќе зависи дали ќе соработуваат за иницијативите да се реализираат.

- Првата практична работа е што овој план е изграден врз идејата за кружна економија. Постојат два начина за спроведување кружна економија: еден со изградба на уреди дизајнирани да бидат крајно издржливи, но на крајот од нивниот животен век потрошувачите ќе мора да ги вратат. Вториот е да го искористат нивниот глас за да ги поттикнат креаторите на политиките и владите. Ќе работиме насекаде низ светот каде што на нашите добавувачи им е тешко да пристапат до чиста енергија. Но, ќе треба и нашите клиенти да се префрлат на чиста енергија; дел од нашиот јаглероден отпечаток е тоа што нашите корисници ги полнат своите уреди - вели Џексон.

Извор: Independent.co.uk
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот