Светлосното загадување е вистински проблем што расте со стапка од 10 отсто годишно, според непрофитната организација „Даркскај интернешнл“. Овие светла не само што ја блокираат нашата глетка кон ноќното небо, туку го вознемируваат и животинскиот свет и негативно влијаат врз здравјето.
Тука влегуваат победниците на натпреварот „Улови ја темнината 2025“. Преку прикажување на убавината на ноќното небо кога светлата се изгаснати, „Даркскај“ се надева да ја зголеми свеста за штетното влијание на светлосното загадување.
Натпреварот, кој оваа година се одржа по петти пат, прими 2.284 фотографии од повеќе од 22 земји. Темите се движеа од Млечниот пат и комети до светлечки животни и млади месечини. Жирито составено од експерти ги оценуваше фотографите според нивната композиција, техничка умешност и придржување кон принципите за одговорна астрофотографија на „Даркскај“.
- „Улови ја темнината“ стана клучна иницијатива за подигнување на свеста, користејќи ја моќта на фотографијата за да ги прикаже не само чудата на ноќта, туку и последиците од светлосното загадување преку различни категории на натпреварот. Резултатот е повеќе од галерија со неверојатни слики. Тоа е повик за акција за заштита на ноќта - соопштија од организацијата.
Меѓу најдобрите се вбројува фотографијата на Џеј Џеј Рао направена во Западна Австралија, која го освои првото место во категоријата „Улови ја темнината“. Феноменот на фотографијата е технички многу тежок за фотографирање бидејќи трае само неколку милисекунди и бара апсолутна темнина.
Во категоријата „Суштества на ноќта“, Оскар Леонардо Чавез Торес ги воодушеви судиите со фотографија на скорпија во Мексико, снимена додека таа ловела во пустината.
Покрај официјалните категории, јавноста имаше можност да гласа за Награда од публиката. Таа ја освои 12-годишниот ентузијаст за вселената и идeн астронаут, Сидарт Пател. Тој фотографирал со телефонот на неговата мајка за да ја направи победничката фотографија, на која се гледа комета како минува низ небото во Онтарио, Канада.
Останатите победнички фотографии можете да ги погледнете на
веб-страницата на „Даркскај“.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Instagram