X
 23.09.2026 Наша тема

Мелани Цветковска е на мастер-студии на ЕПФЛ во Швајцарија и со својот тим работи на сателит што ќе биде испратен во вселената

Животот во странство ми отвори врата која ни една институција дома не би можела да ми ја отвори, од академска поддршка, допир со технологии што ние само сме ги читале низ книгите, до работна средина која се развива илјада пати побрзо од кој било процес во Македонија. Тука една недела имаме едно идејно решение, следната го тестираме, а третата недела веќе сме на верзија Б од истото и негова оптимизација. Таквoто брзо темпо е неспоредливо со кој било процес кај нас, вели Мелани

Мелани Цветковска заврши на ФЕИТ, на компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика, целиот студентски живот е вклучена и во студентски активизам, а последната година од додипломските студии е претседател и на факултетското студентско собрание. Своите мастер-студии ги продолжи на ЕПФЛ во Швајцарија, на електроника и системско инженерство во вселенски технологии. Таа е претседател на асоцијацијата „Asclepios Lab“, каде што го води инженерскиот тим што стои зад лунарните аналогни мисии на „Asclepios“, првиот целосно студентски тим кој оваа година ја спроведе шестата аналогна мисија. Моментално ја работи својата магистерска теза со целосен инженерски проект, од дизајн до продукција, во „DPhi Space“, каде што со тимот градат сателит.

ФЕИТ ме доближи до остварувањето на детските соништа


Целиот живот копнее по вселената, отсекогаш посакувала да стане астронаут. Како што вели, сонот сѐ уште е сон, но си наоѓа други начини да биде поврзана со тој сектор.

- Да бидам искрена, кога се запишав на ФЕИТ не верував дека токму тој почеток ќе ме однесе на патот на моите детски сништа. Универзумот за мене отсекогаш беше најинтересната материја, секогаш мечтаев по нешто повеќе и се прашував што има таму, светлосни години од нас. Но сè тоа за едно дете од Македонија изгледа премногу далечно. ФЕИТ на некој начин ми ги изгради отпорноста и упорноста секогаш да најдам решение на кој било проблем, да се изборам со сите предизвици, како инженерски така и општествени, за еден ден да ги живеам своите најлуди сништа. Во очите на привилегираните деца од светот, кои имале многу поголем допир како со технологија така и со професори со исклучително знаење и искуство, ние сме деца од средина која само сонувала за тоа. Но, мојата перспектива е поинаква, дека иако немаме многу, токму тоа нè учи да се бориме и да победуваме во средини каде што најмалку се очекува - вели Мелани.



Од студентски активизам и претседателка на факултетското студентско собрание во Скопје, до инженерски тим што работи на лунарни аналогни мисии во Швајцарија, таа ни раскажува со какви предизвици се соочува попатно.

- За мене, ФСС ФЕИТ беше најголемиот дар во моите студентски денови, комплетно ми го оформи најубавото факултетско искуство и млади години кои можев да ги замислам. Како тим функциониравме како целина и секогаш се боревме против стандардите и фактот дека студентите немаат свој буџет, па мора сами да го градат и тој дел од својата работа. Покрај организираните настани, меѓу кои и првиот меѓународен конгрес за технички факултети во Македонија, „Сајанс@ФЕИТ“, цело тоа активистичко искуство беше една прекрасна дружба, и еден куп кафеански собиранки, кои и до ден-денес си ги правиме, кога ќе се собереме сите назад во Скопје - вели Мелани.

Швајцарија ја дава другата страна на таа приказна.

- Тука самиот факултет има целосна архитектура за организации, директна поддршка од експерти, како и финансиска поддршка за проектите што се изведуваат во годината. Да бидеш на чело на еден ваков инженерски тим е можеби најреалната слика за тоа што нè чека во индустрискиот сектор како инженери, особено ако целиме кон менаџерски позиции како лидер на тим или систем-инженери. Потребно е исклучително познавање на сите области и темелно следење на сите проекти во паралела за една целина да биде возможна, а тоа во мојот случај е организирање на аналогната мисија и осигурување дека аналогните астронаути ќе имаат сигурна, комотна и успешна работа во тие две недели под земја во Швајцарските Алпи. Покрај тоа, сега се соочувам и со тим од многу различни културолошки заднини. Иако како инженери често знаеме да подзаборавиме на човечкиот аспект на средината во која сме, еден лидер е должен секогаш да го одржува тој баланс - споделува Мелани.



Произведува комерцијални сателити


Таа периодов ги завршува своите студии со реализација на својата теза во компанијата „DPhi Space“, која произведува комерцијални сателити и oбезбедува и софтверски и хардверски услуги на своите клиенти.

- Започнав како електронски инженер во фирмата во текот на студиите, работејќи во своето слободно време, па сега продолжив како систем-инженер работејќи на самостоен проект, дизајн на модуларен систем од камери, како на системско ниво и интеграција на овој систем со сите други во сателитот така и на електронско и машинско ниво, дизајнирајќи и произведувајќи го решението. Кога мојот тим ми ја даде можноста да работам со нив, иако не беше мојот сон - да бидам астронаут, беше можеби најблиску до она што го имам изучувано со години и сепак доволно блиску до сонот за вселената. А да го видиш својот проект како станува реалност, знаејќи дека за една година ќе биде таму горе, на 550 км над нашето небо, е чувство на кое ни еден збор не би можел да му се доближи. Мислам дека животот добива нова смисла кога студентските идеи преминуваат во инженерски решенија кои опипливо ги градиш со сопствени раце и знаеш дека ќе бидат лансирани на ракета да ја обиколуваат оваа наша левитирачка елипса - изјавува Мелани.



Мелани живее и студира во средина која е многу поразвиена во вселенските технологии.

- Кога пристигнав тука имав сериозен импостер синдром, бев опкружена со студенти кои имале многу поголем допир со секакви технологии, иако и јас имав студирано роботика. Ние на ФЕИТ имаме една роботска рака и еден куп теорија низ годините. Додека тие имаа работено на мал милион проекти што ги реализирале до финален продукт. Но, како минуваа семестрите, моето теоретско знаење, подготвеност и снаодливост ме турнаа и понапред од оние што доаѓаа од престижни факултети, затоа што пак ќе повторам, упорноста и истрајноста што ги имаме ние, Македонците, носат многу подалеку од каква било привилегија. Животот во странство ми отвори врата која ни една институција дома не би можела да ми ја отвори, од академска поддршка, допир со технологии што ние само сме ги читале низ книгите, до работна средина која се развива илјада пати побрзо од кој било процес во Македонија. Тука една недела имаме едно идејно решение, следната го тестираме, а третата недела веќе сме на верзија Б од истото и негова оптимизација. Таквoто брзо темпо е неспоредливо со кој било процес кај нас - ни сподели Мелани.

Откажување од сонот никогаш не беше опција


Она што најмногу недостига кај нас, според неа, е токму допирот со овие вселенски организации, фирми, институции кои покрај тоа што нудат работни позиции како нивни членки, нудат и мал милион едукативни можности за студентите.

- Ќе ја земам за пример Европската вселенска агенција, таа организира еден куп курсеви и пракси за студенти од нејзините членки, изложувајќи ги на индустриско искуство уште од студентските клупи и оформувајќи ги нивните инженерски умови на вистинскиот начин, со реални проекти. Ние немаме пристап на ништо од ова само поради нашата националност, иако еве студирам во странство, на еден од најпрестижните европски факултети.
И иако животот тука ги пополнува сите кариерни полиња, ни една држава нема да ни ја даде топлината како татковината, родителите, пријателите, семејството, тие секогаш ќе ни бидат таму, во тие граници на нашата Македонија. Сите ние деновите од одмор секогаш ќе ги земаме букирајќи лет да се вратиме дома, иако можеби со години тоа не е наш физички дом - вели Мелани.



Според неа, колку и да е тешко да го прифатиме фактот дека сме светлосни години зад сè што се случува во овој сектор, тоа е тажната реалност со која мораме да се помириме и да најдеме начин сепак да бидеме дел од големата слика и остварувањето на нашите сништа.

- Можеби сега нема директно да одам во вселената, на Месечината или подалеку, но ќе има дел од мене, нешто што сум го изработила, токму таму горе во бескрајот. И тоа не го гледам како утешна награда, туку како чекор кон поголемата цел, наоѓајќи начин да уживам на патот кон врвот. За мене, откажување од сонот никогаш не беше опција, и не треба да биде за ни едно дете, студент, млад човек или возрасен. Живееме во ера на најголемиот технолошки напредок и токму ние младите треба да сме тие што ќе ги поттикнуваат промените, како во научниот свет така и во општествените уредувања, отворањето дискусии за подлабоките работи во нашето домашно постоење и како ние се вклопуваме во сложувалката на светот. За мене, никогаш не била привлечна мислата да глумиме жртва на минатото и историјата, напротив, била мотив да се покаже дека без разлика на потеклото, успешните приказни тргнуваат токму од нашиот ум и способноста да сонуваме толку далеку што ни вселената нема да ни личи недостижна - категорична е Мелани.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема