X
 22.02.2025 Живот

Популарната серија „Белиот лотус“ ги промени луксузните патувања

Кога излезе новата сезона на серијата „Белиот лотус“, извршниот продуцент Марк Камине откри неверојатни детали за клучните предизвици во изборот на локацијата за снимање. Познат како „ефектот белиот лотус“, овој феномен го опишува влијанието на големите телевизиски серии врз начинот на кој патуваме.

Пред неколку дена серијата се врати со нова сезона и донесе приказна за гостите и персоналот на луксузното, фиктивно одморалиште „Белиот лотус“. Оваа црна комедија, напишана од Мајк Вајт, сатирично ја прикажува екстраваганцијата на богатите наспроти секојдневните борби на вработените во гламурозни околини.

Серијата е позната по возбудливата приказна, напнатата атмосфера и луксузните дестинации кои на прв поглед изгледаат како рај, но кријат мрачни случувања.

Туристички бум поради серијата


Кога во средината на 2024 година беше објавено дека третата сезона ќе се снима во Тајланд, интересот за патување во оваа земја нагло порасна. Пребарувањата на платформите за резервации експлодираа, додека интересот за одморалиштето „Фор сизнс ризорт кох самуи“ порасна за 40 отсто. Слично се случи и со локациите од претходните сезони – хотелот „Фор сизнс Сан Доменико палас“ на Сицилија беше распродаден со месеци однапред по снимањето, додека одморалиштето на Хаваите забележа раст на посетите на својата веб-страница за 425 отсто.



Овој ефект не е нов – филмови како „Господарот на прстените“ и серии како „Емили во Париз“ оставија траен отпечаток врз туризмот. Сепак, во ерата на дигиталните платформи, влијанието на серии како „Белиот лотус“ се шири побрзо од кога било благодарение на моќта на стриминг-платформите како „Нетфликс“.

Марк Камине, извршен продуцент на серијата, детално го опишува процесот на избор на локации во својата книга „На локации: Лекции што ги научив од мојот живот на филмскиот сет“. Иако буџетот често е ограничувачки фактор за повеќето продукции, успехот на „Белиот лотус“ му овозможи на тимот да избира меѓу дестинации како Кореја, Јапонија, Филипини, Бали и Тајланд. На крајот, тие решија да се фокусираат на Тајланд бидејќи најдобро одговараше на приказната за источната филозофија, што беше идеја на Вајт за оваа сезона.

Третата сезона е снимена во луксузни ресорти како „Фор сизнс ризорт Кох Самуи“ и „Мандарин ориентал Бангкок“, со креативна употреба на различни локации за да се создаде совршена илузија. Камине објаснува дека иако локациите изгледаат автентично, многу сцени се снимени на различни места за заедничкиот простор да изгледа визуелно впечатливо.

Продукцискиот тим е свесен за ефектот што серијата го има врз туризмот и локалните заедници. На пример, плажата од филмот „Плажата“, која предизвика масовен прилив на туристи, мораше да биде затворена поради преголемата посетеност. Сепак, Тајланд засега нема конкретни планови за ублажување на можниот туристички бум предизвикан од серијата, оправдувајќи го тоа со напорите за обнова на туристичката индустрија по пандемијата.



Извор: Bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот