X
 23.11.2018 Наша тема

Каде одат вашите пари? Пресметајте колку давате за државата дневно, а што останува за вас

Ова се дел од пресметките на симулаторот „Каде одат моите пари?“, кој како отворен извор што може секој да го користи, го изработи и го објави Центарот за граѓански комуникации. Преку симулаторот можете сликовито, во бројки, да видите колку плаќате дневно, како даночен обврзник, за функциите на централната власт


Ако земате просечна плата во Македонија, секој ден ја финансирате државата со 464 денари за различни работи - образование, одбрана, економски работи, јавен ред и мир, рекреација, заштита на животната средина. Месечно тоа изнесува 13.920 денари, а годишно од вашата нето-плата преку даноци би издвојувале 167.040 денари за државата.

Ова се дел од пресметките на симулаторот „Каде одат моите пари?“ што го изработи и го објави Центарот за граѓански комуникации. Симулаторот како отворен извор на информации може секој да го користи.


Симулаторот е само еден пример да видите сликовито, низ бројки, колку плаќате дневно како даночен обврзник за функциите на централната власт.

- Основата на платата е дадена во нето-износ. Сакавме на корисниците да им дадеме алатка преку која можат реално да видат колку пари дневно даваат за да функционира централната власт - велат од Центарот.

Симулаторот на Центарот за граѓански комуникации


Инфографик: Катарина Пренда

Симулаторот покажува интересни податоци. Како основа е земена просечната нето-плата во Македонија. Вашите 464 денари дневно одат за:
  • Пензиско осигурување и социјална заштита - 146,67 ден.
  • Здравство - 64,62 ден.
  • Образование - 50,58 ден.
  • Општи јавни служби - 37,74 ден.
  • Економски работи - 98,33 ден.
  • Одбрана - 13,12 ден.
  • Јавен ред и мир - 28,79 ден. 
  • Рекреација, култура и религија - 8,85 ден. 
  • Живеалишта и развој на заедницата - 10,99 ден. 
  • Заштита и животна средина - 1,85 ден.
Интересно е кога ќе споредите дека за извршни и законодавни органи, финансиски и фискални работи, надворешни работи (од областа општи јавни служби) дневно од вашата плата се издвојуваат 14,28 денари, односно 428,4 денари месечно. Наспроти тоа, за намалување на загадувањето дневно давате по 0,19 денари од својата плата, односно цели 5,7 денари месечно.

Инфографик: Катарина Пренда

На што се одбиваат парите во образованието? Според симулаторот, на оваа ставка дневно од просечната плата одат 50,58 денари, односно 1.517,4 денари месечно.

  • Образование - 1,16 ден.
  • Претшколско и основно образование - 2,92 ден. 
  • Средно образование - 2,32 ден. 
  • Високо образование - 12,29 ден. 
  • Друго образование што не е според ниво - 0,05 ден. 
  • Помошни служби во образование - 30,78 ден. 
  • Истражување - образование - 0,74 ден. 
  • Други функции на образованието - 0,32 ден.

За јавен ред и мир дневно од просечната плата издвојувате 28,79 денари, а тоа се 863,7 денари месечно. Симулаторот покажува дека најмногу плаќате за полициски услуги - 19,38 денари дневно, односно 581,4 денар месечно. За противпожарни услуги секој ден издвојувате 0,6 денари (18 денари месечно), за судови - 6,26 денари дневно (187,8 денари месечно), а за казнено-поправни установи 1,95 денар дневно (58,5 денари месечно, односно 702 денари годишно).

Според симулаторот, преку придонеси од плата, персонален данок и ДДВ, во согласност со потрошувачката на домаќинствата, најмногу издвојувате за пензиско осигурување и социјална заштита - 146,67 денари дневно, односно 4.400,1 денари месечно, односно 52.801,2 денари годишно.


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема