X
 23.11.2023 Живот

Инфлуенсери заработуваат на лажни објави за војната меѓу Израел и Хамас

Неколку инфлуенсери кои објавуваат погрешни, пристрасни и експлицитни објави се водечки во известувањето за војната меѓу Израел и палестинската екстремистичка организација Хамас на социјалната мрежа „Х“ (поранешен „Твитер“).

Нивната содржина за конфликтот беше гледана и најсподелувана на оваа платформа во октомври.

Овие „инфлуенсери“ стекнаа милиони следбеници со негирање на злосторствата на Хамас и користење архивски, манипулирани и генерирани слики од вештачка интелигенција за илустрација на актуелните настани.

Експертите што ги проучуваат дезинформациите велат дека се чини дека тие заработуваат со објавување провокативна и често неточна содржина, која привлекува платени претплатници и профит преку шемата за споделување приходи од реклами на „X“.

Оваа група на новопрославени инфлуенсери ја предводи Џексон Хинкл, 24-годишен самопрогласен МАГА (англ. Make America Great Again), комунист и гласен поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин.

МАГА е движење кое го поддржува поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

По повеќе од еден месец од ескалацијата на насилството во Израел и Газа, Хинкл има два милиона следбеници и собра најмногу прегледи, ретвитови, лајкови и одговори.

1
Фото: Twitter/BBC

Овој експоненцијален раст се должи на видот и бројот на твитови што ги објавува: постојан прилив на лажни или погрешни тврдења или експлицитни снимки од повредени деца и уништени домови. Иако се непријатни и вознемирувачки, ваквите објави привлекуваат масовна публика и многумина ги споделуваат.

Анализата на „Лоџикал“, технолошка компанија која користи вештачка интелигенција за следење на дезинформации, покажа дека објавите на Хинкл биле споделени повеќе од 20 милиони пати на „Х“ од 7 октомври. Исто така, тој напишал 75 отсто од сите најсподелувани објави за војната меѓу Израел и Газа на „Х“: 15 од вкупно 20.

Хинкл не е експерт во оваа област: пред нападот на Хамас тој ретко пишувал твитови за израелско-палестинскиот конфликт и претходно бил попознат по своите еколошки и проруски ставови.

Претходно бил еколошки активист; во „Тин Вог“ беше споменат во списокот со млади екологисти кои работат на спасување на Земјата.

Тој стекна слава на интернет претставувајќи се себеси како „МАГА комунист“, постојано промовирајќи невистини од пропагандната кампања на Кремљ, како што се тврдењата дека со Украина владеат нацисти и дека претседателот Володимир Зеленски е зависник од дрога. Тој тврдеше дека генетиката е лажна наука, ја изрази својата љубов кон Сталин и го поддржуваше режимот на Асад во Сирија. А потоа на 7 октомври, кога Хамас го нападна Израел, Хинкл направи ненадеен пресврт.

Така, тој почна да објавува антиизраелски постови секој ден, изедначувајќи го Израел со таканаречената Исламска држава и Ал Каеда, кои британската влада ги означи како терористички организации. Споделуваше снимки и фотографии за кои поголемиот дел од валидните веб-страници утврдија дека се погрешни или неточни.

Во една објава тој користеше стари снимки од израелските напади врз Газа за да ги илустрира актуелните настани во Сирија. Во друга цитираше истрага од либералниот израелски весник „Харец“ во која се тврдело дека 900 луѓе, наместо 1.400 според најновото пребројување на израелската влада, биле убиени во нападите на Хамас, а половината биле израелски војници.

Но, весникот никогаш не објавил таков напис, па објавил соопштение во кое се вели дека публикацијата на Хинкл содржи чисти лаги.

Објавата е сè уште достапна и има повеќе од пет милиони прегледи.

Хинкл отиде дотаму што ги негираше злосторствата на Хамас од 7 октомври, тврдејќи дека цивилите кои го посетувале фестивалот Супернова не биле убиени од борците на Хамас, туку биле фатени „помеѓу два пожари“ во конфронтација со израелската полиција која го блокирала патот.

- Хамас не е виновен за злосторствата од 7 октомври - гласеше постот на Хинкл, кој не е избришан од „Х“.

Тоа не е вистина: Би-би-си ја утврди автентичноста на снимката на која се гледаат борци на Хамас како убиваат невооружени посетители на фестивалот.

Но, Џексон Хинкл не е единствениот инфлуенсер кој ги користи овие тактики.

Марио Навфал е претприемач за криптовалути од Дубаи чии претходни проекти вклучуваа велнес и кујнски апарати.

2
Фото: Twitter/BBC

Тој беше поддржан од Илон Маск во неколку наврати, вклучително и за неговите увиди во руската политика, и покрај тоа што немаше никаква научна експертиза во оваа област. Изгледа дека Навфал не фаворизира една страна во конфликтот, но вестите за неговите 1,1 милион следбеници - кои често започнуваат со „Ударно“ или „Ново“ или „Само што ни пристигна“ - се без извори и повремено повторуваат погрешни информации.

Тој прикачи видео од ракетниот истрел во Сирија тврдејќи дека тоа се случувањата во Газа.

Таа објава на крајот беше избришана, но друга, во која тој лажно тврдеше дека израелски генерал бил киднапиран од Хамас, сè уште е достапна и е прегледана повеќе од 18 милиони пати.

Извор: ВВС
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот