X
 20.07.2022 Наша тема

Во Македонија се заработува од социјални мрежи, но мора да имате реклами, велат наши инфлуенсери

Кај нас може солидно да се живее од креирање содржина за социјалните мрежи, иако тоа најчесто бара соработка со брендови, велат македонските инфлуенсери.

Заработката преку социјалните мрежи е работа од соништата за многумина. Таа гарантира флексибилност во работата, но треба да поседувате креативност за да привлечете своја публика. Низ светот, најпопуларните инфлуенсери уживаат статус на познати личности и заработуваат мало богатство споделувајќи видеа или фотографии со следбениците. Како е кај нас?

Во земјава креаторите на содржина за социјални мрежи може да заработуваат на повеќе начини. Платформата „Јутјуб“ има своја програма за монетизација, но таа не нуди голема заработка доколку објавувате содржина на македонски јазик, открива Марјан Алексовски, еден од основачите на „Светот на Биби“, македонска продукција на цртани филмови, печатени едукативни изданија, училиштен прибор, облека и додатоци. Каналот „Светот на Биби“ на „Јутјуб“ има над 62.000 претплатници.

Колку може да се заработи од „Јутјуб“?

Се проценува дека треба да имате над еден милион прегледи за да заработите околу 200 долари месечно преку „Јутјуб“, проценува Марјан. Дополнителен начин за заработка е со рекламирање производи во видеата кои се објавуваат на платформата. Но, креаторите на содржина на „Јутјуб“ често се соочуваат со финансиски предизвици при снимањето на видеата, па затоа има многу малку оригинални содржини на македонски јазик.


- Иако денеска секој има можност да се изрази на свој начин и да ја покаже креативноста преку видео, сепак, за да се направи квалитетно видео, треба време и секако финансии за да се рекламира тоа видео на некоја од видеоплатформите или социјалните мрежи. За жал, делот со финансии кај нас е слаба точка и затоа кубуриме со оригинални македонски содржини. На телевизиите им е полесно да платат турски или други серии кои може да ги нахсинхронизират отколку да инвестираат во македонска содржина. Сè додека имаме таков тренд, ќе бидеме тука кај што сме - вели Марјан.

Истовремено, најевтините инфлуенсери се оние што се најбарани, открива Иван Ајнштајн, еден од најпознатите јутјубери во земјава. Меѓутоа, цената зависи и од трудот кој бил вложен и од буџетот кој ќе се побара, односно убедливоста на инфлуенсерот, додава Иван, кој има над 61.000 претплатници на „Јутјуб“.

Од „Инстаграм“ може да се живее

Ситуацијата е слична на „Инстаграм“, каде што може да се заработува доволно за живот преку соработки со брендови доколку се посветите на тоа, смета Александра Трпеска, позната на „Инстаграм“ како Маџестик.

- Јас сум пресреќна и задоволна од самиот факт дека работам нешто што ме исполнува и воедно заработувам доволно добро за животот кој сакам да го живеам. Ако ме прашувате конкретно колку може да се заработува на месечно ниво, секогаш е различно, согласно колку кампањи имаш тој месец. Некогаш повеќе, некогаш помалку - вели Александра.



Со речиси 35.000 следбеници на „Инстаграм“, Александра е една од најпопуларните македонски инфлуенсерки од областа на модата.

Роберто Навали, кој има 170.000 следбеници на „Инстаграм“, додава дека знае повеќе инфлуенсери што заработуваат многу добро на социјалната мрежа. Меѓутоа, во соработката со компании, инфлуенсерите кај нас добиваат секакви понуди. Има фирми што плаќаат добро за да се рекламираат преку инфлуенсер, но има и такви што сè уште се „ценкаат“ и се обидуваат да добијат реклама без да платат, вели Роберто.



Мора да ги следите трендовите за да бидете интересни

За да се стане инфлуенсер, треба да се има публика, односно да се соберат поголем број следбеници или претплатници кои сакаат да ги следат вашите содржини. Но интересите на публиката, односно трендовите на социјалните мрежи постојано се менуваат, се согласуваат нашите соговорници.

- Трендовите константно се менуваат, а новиот трендсетер е новиот најпопуларен. Сите слични на него црпат од истиот бунар додека некое ново, различно дело не се забележи нашироко. Стариот бунар нема да секне наскоро, тоа сигурно, ама големата бројка на креатори кои се префрлаат на свежа вода од новиот бунар ја менува глобалната заинтересираност на одредена тема. Така што, изборот на сите креатори е: а) да се приспособат на некоја моментална популарна содржина; б) да бидат легенди - вели Иван.


Роберто, кој има и онлајн-продавница за производи инспирирани од трендовите на интернет, објаснува дека популарните објави често се поврзани со патување, мемиња, фитнес, мода или политичка сатира, но тематиката постојано се менува.

- Шоу-бизнисот и животот на социјалните мрежи нонстоп мораат да имаат корелација со тоа што е тренд и популарно во моментот. Еве пред две недели беше многу популарно да направиш меме со Ламбе, сега тренд е мемето сејфти фирст. Мора да ги следиш трендовите за да си ѝ интересен на публиката - вели Роберто.

Се проценува дека во светот има од 3,2 до 37,8 милиони инфлуенсери кои креираат содржини на „Инстаграм“, „Јутјуб“ или „Тик-ток“, според неодамнешна анализа на „Ертвеб“.
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема