Неколку часа по трагедијата во Кочани, Бугарија беше една од земјите од регионот што веднаш испратија помош. Авион на бугарското воено воздухопловство „Спартан“ и шест амбулантни возила од итната медицинска помош од Софија превезоа некои од најтешко повредените.
Копнената операција била предводена од д-р Костадинов, кој е роден во Македонија. Во едно од амбулантите возила, според бугарските медиуми, била и младата докторка д-р Кушевска. Таа била родена токму во Кочани и израсната таму. Во другото амбулантно возило се наоѓала д-р Ачова. Таа била родена во Штип, град кој се наоѓа на околу 30 километри од Кочани.
Кога стигнале до болницата во Скопје и кога д-р Кушевска излегла од амбулантното возило, се соочила со страшната глетка – роднините, пријателите и родителите кои чекале да слушнат новости за своите деца. Во трагедијата, и оваа млада лекарка изгубила познајници, пријатели и соученици.
Според официјалните информации, надвор од државата се лекуваат 115 пациенти. Во Бугарија конкретно се лекуваат 15 пациенти, а од Министерството за здравство информираа и дека една пациентка сама се пријавила во земјата за лекување. Инаку, трошоците за лекувањето се покриени од страна на државите-домаќини, додека Владата, според информациите на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, ги покрива сите трошоци за пат, сместување и логистика за семејствата.
Дел од пациентите во странство кај кои има подобрувања во текот на оваа недела ќе почнат да се враќаат во Македонија.
Извор:
bTV
Фото: bTV/Facebook