X
 24.04.2019 Наука

Мразот на Гренланд се топи 6 пати побрзо отколку во 80-тите години

Гренланд, домот на втората најголема ледена површина на Земјата, во последните неколку децении губи мраз со сè поголема брзина - речиси шесткратно зголемување кое може да придонесе за зголемување на нивото на морето во иднина, покажува нова студија базирана на податоци собирани речиси половина век.

Во студијата се проценува дека глечерите на Гренланд во периодот меѓу 1980 до 1990 година истресле само околу 51 милијарда тони мраз во океанот, додека во периодот меѓу 2010 и 2018 година загубиле 286 милијарди тони.

Резултатот е следниот: од околу 14-милиметарското зголемување на нивото на морето предизвикано од Гренланд од 1972 година наваму, половина се случило во последните осум години.

И загубите најверојатно ќе се влошат. Регионите со најголем потенцијал за загуба на мраз - северозападниот и североисточниот дел од островот - не се промениле толку брзо како другите делови од Гренланд. Ако тие почнат да се топат и побрзо да губат мраз, тогаш вкупната загуба на мраз на Гренланд, како и придонесот кон зголемувањето на морското ниво, би можела да биде уште поголема.

Ериг Ригнот, научник од Универзитетот во Калифорнија и во НАСА, кој е еден од авторите на студијата, истакнува дека студијата ги става неодамнешните масовни загуби на Гренланд во подолготраен контекст.

- 80-тите години на 20 век го одбележаа транзицискиот период кога климата на Земјата почна значително да се свртува од нејзината природна варијабилност како резултат на емисиите на стакленички гасови предизвикани од страна на луѓето - истакнува Ригнот.

Тој додава дека промената е загрижувачка делумно поради тоа што го навестува за иднината, особено кога ќе се искомбинира со потенцијалната загуба на мраз од Антарктикот.

- Целата периферија на Гренланд е погодена. Особено сум загрижен за северните региони, каде што има најголем потенцијал за зголемување на нивото на морето и каде што веќе има брзи промени - вели Ригнот.

Тој минатата година предводел истражување кое покажало дека антарктичкиот регион исто така губи шестпати повеќе мраз за разлика од пред 4 децении - тоа е невидена брзина во ерата на модерните мерења.

- На Антарктикот некои големи заспани гиганти во источниот дел се будат, како дополнение на голем дел од Западен Антарктик, кој е значително погоден. Ништо од ова не е добра вест. Мораме да се подготвиме за она што следува и да дејствуваме што е можно поскоро за да ги избегнеме најдраматичните сценарија - истакнува Ригнот.

Гренланд е најголемиот остров во светот. Тој е дом на повеќе од 200 големи глечери. На краевите од глечерите големи делови од мраз постојано се откинуваат, но голем дел од загубата на мраз е многу помалку драматична и се состои од постојано топење кое истекува на површината, но и во форма на подземни текови.

Истражувачите одредено време знаеја дека загубите на мраз се влошуваат. Гренланд лежи во зона од Арктикот која се затоплила за 2, а во некои региони и за 4 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа. Тоа затоплување доведе до некои драматични промени.

Но, колку точно мраз има загубено Гренланд? Тоа е тешко да се каже, но е многу важно бидејќи 360 милијарди тони се еднакви на еден милиметар зголемување на нивото на морето.

Спојувајќи записи од сателити, мерења на гравитација и други алатки, Ригнот и неговите колеги велат дека сега можат да одговорат на тоа прашање враќајќи се 46 години наназад.

Истражувачите утврдиле дека од 1972 до 1990 година на Гренланд имало некаков баланс. Тој губел маса бидејќи глечери испловувале во морето и се отцепувале големи карпи мраз, но и добивал маса од снегот кој паѓал на врвовите.

Но, тоа се променило во последните 30 години. Загубите на мраз во 90-тите биле околу 41 милијарда тони годишно, но до почетокот на 21 век тие биле 187 милијарди тони и до првата деценија од 21 век - 286 милијарди тони.

Врз основа на резултатите на моделите кои ја симулираат климата од минатото на Гренланд, моменталното топење и истекување е невидено во текот на изминатите 150 години, предупредуваат експертите.

Причините за моменталните промени, според Ригнот, се различни. Тука се вклучени повисоките температури што топат мраз на површината на Гренланд, но и потоплите атлантски води кои допираат до глечерите.

Според него, одредена количина на загуба на мраз, а со тоа и зголемување на нивото на морето, веќе е неизбежна, со оглед на тоа дека емисиите на јаглероден диоксид остануваат во атмосферата со децении.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука