X
 24.04.2023 Наука

Во Шпанија изведена првата трансплантација на бели дробови со помош на робот

Болница во Шпанија успешно ја заврши првата трансплантација на бели дробови направена со робот во светот.

Хирурзите од Универзитетската болница „Вал д'Хеброн“ во Барселона го користеле роботот „Да Винчи“ со четири раце за да ја изведат процедурата. Пациентот бил 65-годишен маж, на кој му била потребна трансплантација на белите дробови поради болест што била опасна за живот.

Типичните трансплантации на бели дробови се прилично инвазивни: мора да се направи засек од 30 сантиметри во градниот кош и да се скршат повеќе ребра за хирурзите да можат да пристапат до белите дробови на пациентот, да ги отстранат и да ги заменат со здрави бели дробови од донор.

Но, благодарение на роботот „Да Винчи“, хирурзите успеале да пресечат многу помал дел од градите без да кршат ребра. Биле направени мали засеци на страната на ребрата за да можат да работат роботските раце и 3Д-камерата што на хирурзите им давала поглед од 360 степени во белите дробови.

Роботот бил развиен од американската корпорација „Интруитив срџикал“ во 2000 година и сега се користи за лекување илјадници пациенти секоја година. Системот не ја врши самата операција, туку му овозможува на хирургот да го води роботот со движењата на рацете на специјална конзола, која роботите ја интерпретираат и изведуваат во реално време.

Роботот досега само еднаш бил користен за трансплантација на белите дробови, во болницата „Цедарс-Синаи“ во Лос Анџелес. Но, во таа пригода се користел само за дел од процедурата, а подоцна белите дробови на традиционален начин биле вметнати во градите.

Новата примена на технологијата е помалку болна за пациентот и го намалува ризикот од инфекција по операцијата, бидејќи раната лесно се затвора.

- Веруваме дека тоа е техника која ќе го подобри квалитетот на животот на пациентите, ќе го намали периодот по операцијата и ќе ја намали болката - вели д-р Алберт Јауреги, раководител на одделот за торакална хирургија и трансплантација на белите дробови на Универзитетската болница во „Вал д'Хеброн“.

Поради малиот засек, по операцијата пациентот зел само парацетамол. Конвенционалните трансплантации на белите дробови генерално бараат постоперативен третман со многу посилни опиодни лекови против болки.

- Оваа операција нема да остане само тука, затоа ѝ ја покажуваме на светот. Ако оваа техника функционира, а веруваме дека функционира, тогаш мора да се прошири бидејќи најважната цел е да им се помогне на што повеќе луѓе - вели д-р Јауреги.

Во иднина тимот за трансплантација ќе работи на дополнително усовршување на процедурата и предвидува дека првата двојна трансплантација на бели дробови со помош на оваа техника би можела да се случи за неколку месеци.


Извор: Bemchmark.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука