X
 24.06.2025 Живот

Биби и Боби, јунаците од „Светот на Биби“, ќе го добијат својот прв долгометражен анимиран филм

Проектот „Златната пеперутка“, во режија на Гоце Цветановски, е селектиран за учество на реномираниот Анимациски форум за Централна и Источна Европа (CEE Animation Forum 2025), кој ќе се одржи во Плзењ, Чешка, од 4 до 6 ноември 2025 година.

CEE Animation Forum е водечка европска платформа за презентација, финансирање и копродукција на анимирани проекти. На 13. издание, од рекордни 199 пријави, „Златната пеперутка“ е еден од шесте долгометражни анимирани филма што ќе се натпреваруваат за над 50.000 евра во парични и непарични награди, како и за учество на специјализирани тренинг-програми, пазарни презентации и еден-на-еден средби со водечки европски продуценти, дистрибутери и телевизии.



Оваа селекција е уште едно признание за успехот на „Светот на Биби“, најпопуларниот детски бренд во Македонија со повеќе од 120 милиони прегледи на „Јутјуб“ и ТВ-прикажувања во шест држави во регионот.

„Златната пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство, сместена во волшебна џунгла каде што нашите јунаци се соочуваат со предизвици, опасности – и важни животни избори.

- Голема чест ни е што сме дел од оваа силна селекција. „Златнaтa пеперутка“ е повеќе од филм – тоа е приказна за одговорноста кон природата, но и за надежта дека преку уметноста можеме да ги поврземе различните култури. Веќе работиме со неколку меѓународни партнери, чии имиња наскоро ќе ги објавиме - вели режисерот Гоце Цветановски.

Проектот ќе учествува во натпреварувачката програма на форумот и е копродукција на „Светот на Биби“ и продукциската компанија на Цветановски, „Македонска крепост“.

Цветановски во моментов е актуелен со „Јон Вардар против галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм кој беше прикажан на дваесетина фестивали и сè уште патува низ светот, а со филмското деби „Бизнисот на задоволството“ освои 10 меѓународни награди.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот