X
 24.07.2022 Здравје

Алкохолот е штетен за лица до 40 години, но има поволности за постарите

Ново истражување спроведено на Универзитетот во Вашингтон проценува дека над една милијарда луѓе консумирале штетни количини алкохол во 2020 година. Трудот открива и дека алкохолот не е добар за лицата помлади од 40 години.

- Нашата порака е едноставна: младите луѓе не би требало да пијат, но постарите луѓе може да имаат поволност од пиењето мали количини - изјавила Емануела Гакиду, професор на универзитетот.

Во истражувањето биле вклучени податоци за мажи и жени на возраст од 15 до 95 години во периодот од 1990 до 2020 година во 204 земји и територии.


Фото: Pixabay

Во секој регион, најголемиот дел од населението што пиело штетни количини алкохол било од машката популација, на возраст од 15 до 39 години. Околу 60 отсто од повредите поврзани со алкохол, како сообраќајни несреќи, самоубиства или убиства, им се случиле на луѓе од оваа група.

Според истражувачите, немало никакви здравствени поволности од алкохолот за луѓето до 40-годишна возраст. Од друга страна, луѓето постари од 40 години, кои немаат здравствени проблеми, може да имаат некои поволности од пиењето мало количество алкохол, како намален ризик за срцева болест, мозочен удар и дијабетес.

Колку алкохол може да се пие?

Препорачаната количина алкохол за мажи од 15 до 39 години е еднаква на една десеттина од стандарден пијалак дневно. Под стандарден пијалак се подразбира една мала чаша вино, мало шише пиво или мала чаша виски или друг жесток пијалак. За жените, препорачаната количина е еднаква на една четвртина од стандарден пијалак дневно.

За лица на возраст од 40 до 64 години, мажи и жени, се препорачува најмалку околу една половина од стандарден пијалак дневно, а најмногу речиси два стандардни пијалаци дневно.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје